Бранко Пендовски. Под пирамидата - драма во два дела - ЛИЦА: СИЛЈАН, министер за труд ДАМЈАН, полициски инспектор НЕДАН, иследник БОГДАН, директор на претпријатие ИЛИЈА, технолог БЛАГОЈА, нов технолог МЕТОДИЈА, психолог БОГОЈА, администратор ЃОРЃИЈА, адвокат АНДРЕЈА, бербер-заболекар КОЛЕ, постар работник ТОМЕ, помлад работник МАРИЈА, жена на Коле МИНУВАЧ МИНУВАЧКА ДРЕМУША, секретарка на Богдан ПРВ ДЕЛ Во левиот дел од сцената се издига огромна, скалеста пирамида; видливи се само првите три големи скалила и дел од четвртото, додека другите се насетуваат. Меѓу големите скалила, всушност отворени канцеларии, напред се качуваат и слегуваат пресечувајќи се бројни тесни скали врежани во пирамидата. Врз првото скалило, зад своите канцелариски маси седат: Богоја, во бел мантил, црни канцелариски навлаки на ракавите и очила; Дремуша, во бела морнарска блуза и сино, плисирано здолниште; пред неа голема машина за пишување, а крај неа, свртен кон публиката - голем, бел фрижидер. Врз второто скалило, исто зад своите маси, седат: Илија - во бел мантил со жолти ракавици; пред него црн двоглед, а на крената рамка над масата - множество епрувети; Методија - во бел мантил, со очила и сини ракавици; и двајцата со бели, меки капи без штит. Врз третото скалило, зад темна маса со два телефона седи Богдан - во темносин костум, бела кошула со врска - пеперутка; зад него карта на Европа и големи графикони на производството. Одвреме навреме гледа преку двогледот долу. Над сите три скалила големи белосини сончеви чадори. Десниот дел од сцената е зафатен од голем, примитивен чекрк за вадење вода од бунар; од бунарот излегува дебела, затворена борија, која на околу три метри височина свртува вдесно и излегува вон сцената; врз оградата од бунарот натписи: Опасна за пиење! Забранета за пиење! На краевите од двете погонски греди на чекркот, во коњски амови се впрегнати Коле и Томе; Коле во црно, Томе во сиво работно облекло. При работата чекркот испушта суво, придушено тракање. Зад пирамидата и чекркот се постила сув, жолтеникав предел, што се издига во сиви, нејасни брегови во далечината. Топло, летно претпладне. (Коле и Томе го вртат чекркот) КОЛЕ: (Кон Томета) Како лесно оди. ТОМЕ: (Кон Колета) Како играчка. КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... (Неусетно го забрзуваат темпото на вртењето Чекорите, лесни, живи - напати поскок - минуваат во умерено трчање) КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Загни!... ТОМЕ: Згашти!... КОЛЕ: Зграпчи!... ТОМЕ: Свиткај!... (Последните извици ги проследуваат со спонтано смеење) КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... (Извиците слабеат, темпото не попушта) ---------- (Богдан преку двогледот ја посматра работата на работниците. Илија и Методија нестрпливо си го позајмуваат единствениот двоглед и гледаат) ИЛИЈА: Гледаш ли што прави мојот изум? МЕТОДИЈА: Работат полесно и побрзо. ИЛИЈА: На работникот јас му дадов таква направа, што да пее и да работи. МЕТОДИЈА: Забележуваш ли дека почнаа и да трчаат? ИЛИЈА: Правилникот не го бара тоа од нив, но направата како да им дава крилја. МЕТОДИЈА: Интересна направа. ИЛИЈА: И ефикасна. Таа е конструирана така што да мораат и двајцата рамномерно да ги напрегаат силите. Ако едниот не сака да влече, другиот веднаш ќе го почувствува тоа и нема да го толерира. Направата сама го турка работникот! МЕТОДИЈА: Тоа ми прилега на комплексен, верижен процес на производство. ИЛИЈА: Без лажна скромност (со рака на срце), но се гордеам со таа моја направа. ----------- (Извиците се засилуваат, темпото на вртење и живо) КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... (Извиците слабеат) ---------- (Богдан го остава двогледот, крева слушалка од зелениот телефон и притиска едно копче. Телефонот кај Илија ѕвони. Илија ја крева слушалката и извесно време слуша) ИЛИЈА: Да, другар директоре. Веднаш доаѓаме. (Кон Методија) директорот нè вика. (Богдан и Илија ги враќаат слушалките врз тастерите. Илија и Методија стануваат, ги вадат ракавиците и по скалите се упатуваат кон канцеларијата на директорот. Кога ќе стигнат, седнуваат полусвртени кон публиката) БОГДАН: Ве викнав за важна работа. (Илија и Методија го гледаат љубопитно и недоверливо) Пред тоа да ве прашам: кој не е за кафе? (Илија и Методија молчат) Молчењето го примам како одобрување. (Богдан ја крева слушалката од зелениот телефон. Дремуша ја крева слушалката од својот) Дремуша, брзо три кафиња. ДРЕМУША: Веднаш, другар директор. (Богдан и Дремуша ги остават слушалките врз тастерите. Дремуша приготвува кафе) БОГДАН: Ве викнав да ве прашам: сте забележале ли нешто карактеристично во работата долу? ИЛИЈА: Сè оди одлично. Мојата направа дава одлични резултати! МЕТОДИЈА: Психолошки гледано, тие се во вистински занес од средбата со новото во работата. БОГДАН: Јас не би рекол. ИЛИЈА: Не ве разбираме. БОГДАН: Ќе ви објаснам. (Пауза) Што значат оние неартикулирани викови и крикови? Каква е таа работна недисциплина? Ова модерен погон ли е или коњски натпревар и свадбински ора? (Илија и Методија се погледнуваат виновно и збунето) ИЛИЈА: Но, другар директоре, вртењата се над планираното. Наместо десет во единица време, тие самоиницијативно стигнаа до петнаесет, дури и повеќе. БОГДАН: Јас не сум технолог и психолог, но ве прашувам: кога човек вика, и тоа онака силно и неконтролирано, троши ли некаква своја енергија? ИЛИЈА: Троши. БОГДАН: Ако троши, тоа значи дека тие простачки викови и крикови се штетни за работата. (Пауза. Дремуша донесува кафиња и по едно остава пред секого. Со климнување на глава ~ се заблагодаруваат. Дремуша се враќа до својата маса и нешто чука на машината. Првин Богдан, потоа другите, почнуваат да пијат кафе) МЕТОДИЈА: Сето она што го кажавте, другар директоре, е правилно. Но ако дозволите, би дал една своја забелешка. БОГДАН: Дозволувам. МЕТОДИЈА: Тие викови и крикови се стари колку и човечкиот род. Тие се исконски внатрешен изблик на решеност и енергија, на самочувство и самоохрабрување. Тие му помогнале на човекот да победува во ловот на диви животни и во борбата со непријателски племиња. Без тие викови и крикови на десетици и стотици поколенија не би се изградиле огромните египетски пирамиди и храмови, и сите огромни потфати во историјата на човештвото. Само камшикот и суровоста на фараоновите луѓе не ќе стореле многу. Дури и фамозното „ура“ на старите и на модерните армии не е ништо друго, туку еден од тие исконски, спонтани човечки викови. БОГДАН: А конкретно за работава? МЕТОДИЈА: (Ги симнува и пак ги става очилата) Психолошки гледано, ако правилно се канализираат, тие викови во извесна смисла и за нашава работа не би биле штетни. (Богдан наеднаш станува. По него, Илија и Методија. Пауза) БОГДАН: До тоа ли дојдоа вашите заплеткани, учени глави? Не е еднаш сум рекол: од многу читање и учење може да се спобудали! Очевидно вашите мозоци се изморени или не се најздрави. (Пауза) Не биле штетни? Тие викови јачат низ целово претпријатие. И наместо да си ја гледаат работата, сите наши службеници се присилени да ја слушаат само таа врева и викотница. Најпосле, ако сакате да знаете, тие викови ми пречат и мене лично. МЕТОДИЈА: Јас, другар директоре, сакав само да укажам на опасноста: со забранување на тие викови, да не им го намалиме и работниот елан на работниците. ИЛИЈА: Бројот на вртењата мерени во единица време... БОГДАН: Доста со вашите матни теории. Јас ве плаќам да работите, а не да филозофирате. (Пауза) веднаш преземете мерки ова дивјачко хајкање да престане. (Илија и Методија збунето климнуваат со глава) Слободни сте. (Илија и Методија се враќаат на своите работни места. Богдан уште извесно време стои, ќе погледне низ двогледот, ќе заниша сомнително со глава и ќе седне) ------------- МЕТОДИЈА: (На Илија) Кој ќе појде долу? ИЛИЈА: Подобро ти. МЕТОДИЈА: Зошто? ИЛИЈА: Ти си психолог. МЕТОДИЈА: Твоја е направата. ИЛИЈА: Но виковите се твои. МЕТОДИЈА: Мои? ИЛИЈА: Ти ги бранеше. МЕТОДИЈА: И ти ги бранеше. ИЛИЈА: Јас не сум платен за тоа. МЕТОДИЈА: (Нерасположен) Добро. (Станува и полека тргнува кон чекркот) ---------- (Чекркот сеедно се врти живо) КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Јаребица... ТОМЕ: Попратица... КОЛЕ: До мазара... ТОМЕ: До катара... КОЛЕ: Чингини... ТОМЕ: Мингини... КОЛЕ: Оптил... ТОМЕ: Дуптил... КОЛЕ: Дупка-а... (И двајцата прснуваат во гласно смеење. Методија стигнува и крева рака. Коле и Томе запираат зачудени) МЕТОДИЈА: Веднаш да се прекине со тоа. КОЛЕ: Со кое? МЕТОДИЈА: Со викањето. ТОМЕ: Кој?... Ние работевме... МЕТОДИЈА: А она: „ај-оп“.. и она... „тантара-мантара“? КОЛЕ: Човек не смее ни да кивне, ни да се накашла. Кому само може да му пречи тоа? ТОМЕ: Не гледаат дека од работа станавме жива вода, само слушаат што ќе зборнеме по некој збор. КОЛЕ: И волот на орање ќе рикне, а коњот во амот ќе зафркта. А ние сме луѓе? МЕТОДИЈА: Мене не ми пречите, но сите други - (Покажува горе кон пирамидата) се жалат. ТОМЕ: На што? КОЛЕ: (Со иронија) На дебела сенка под чадорите и на слатка дремка врз масите. МЕТОДИЈА: Директорот Богдан го нареди тоа. (Пауза. Коле и Томе се погледнуваат) КОЛЕ: Добро. ТОМЕ: Друго има ли? МЕТОДИЈА: Само тоа. Можете да продолжите со работата. КОЛЕ: Благодариме. (Методија се враќа в канцеларија. Коле и Томе продолжуваат со вртењето. Темпото е видливо попуштено: само средно чекорење) --------- (Богдан гледа низ двогледот, го остава, ја крева слушалката од зелениот телефон; Дремуша ја крева слушалката од својот) БОГДАН: Дремуша, чаша вода за мене. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Богдан и Дремуша ги оставаат слушалките врз тастерите. Дремуша од фрижидерот зема шише кисела вода и турива во една чаша; откако во мало огледалце ќе се погледне и ќе ја поправи косата, врз послужавниче ја носи чашата. Кога ќе стигне пред Богдан, дискретно се поклопува) БОГДАН: А, веќе дојдовте. Умирам за чаша ладна вода. (Ја зема чашата и ја испива до дно) Баш пријатна вода. Благодарам. (Дремуша ја зема чашата и сака да си оди) Каква горештина! Просто не се издржува под овие чадори. (Ќе ја забележи дека сака да тргне) Имате ли многу работа. ДРЕМУША: Па, не многу. Го завршувам она писмо што ми го дадовте утринава. БОГДАН: А, само тоа ли е? Може да почека малку. Повелете седнете малку. Од горештина и проблеми човек просто ќе поулави. (Дремуша седнува) ДРЕМУША: Благодарам. БОГДАН: (Ја поканува со цигара, таа одбива; тој запалува) Ќе играме ли скоро на свадба? ДРЕМУША: На чија? БОГДАН: На вашата. ДРЕМУША: На мојата? (Со променет тон) За мене, другар директоре, е уште рано. БОГДАН: Како рано? Па вие сте така зрела и сочна (со раце ги оцртува нејзините форми) токму девојка за мажење. ДРЕМУША: (По извесно колебање) Па, од вас нема што да кријам. Мајка ми сака да ме омажи за еден стар, непознат човек. Бил претставник на некоја фирма. Секој месец печалел милиони. Имал „опел“ од најнов тип. БОГДАН: А ти? ДРЕМУША: Јас сакам еден студент. Млад, убав. БОГДАН: И? ДРЕМУША: Па, тоа. Се мислам што да правам. БОГДАН: Има ли тој студент средства да ве издржува? ДРЕМУША: Нема. БОГДАН: А го сакате ли и трговецот? ДРЕМУША: Како сакање. (Одмавнува со рака) Ни суратот не сум му го видела убаво. Само еднаш дојде кај нас. БОГДАН: И што ќе правите? (Пауза. Дремуша си ги грицка ноктите) ДРЕМУША: Ќе се омажам за трговецот. БОГДАН: Без љубов? ДРЕМУША: А, љубов. Само да го поткренам малку фустанот и ќе ја имам. (Богдан се раздвижува врз столот) БОГДАН: А студентот? ДРЕМУША: Не знам, ќе можам ли и со него да прекинам. БОГДАН: Што, со него веќе имате сериозни врски? ДРЕМУША: Да. БОГДАН: Чудно. (Се наведнува кон Дремуша, дискретно) А мене, оној пат ме одбивте. Ми рековте: „Вие сте стар“ ДРЕМУША: Па, знаете како е, вие не бевте упорен. БОГДАН: Кој, јас? ДРЕМУША: Да. БОГДАН: Штета. (Пауза) Сепак се гордеам дека имам толку убава и интелигентна службеничка. ДРЕМУША: Благодарам. (Станува и сака да си оди) БОГДАН: Така. (Пауза) Уште нешто да ве прашам. (Дискретно) А ви здодева ли и по некој од нашиве? (Покажува долу кон Илија и Методија) ДРЕМУША: Не толку. Само Методија понекогаш ќе ми ја стегне раката. БОГДАН: Само толку. ДРЕМУША: И ме гледа право в очи. Тој човек има страшен оган. Се плашам кога ќе ме погледне. БОГДАН: Пази се од него. Тој е опасен и за мене. (Пауза) Ако слушнеш нешто за мене, нема да ти биде тешко... ДРЕМУША Веднаш ќе ви јавам. (Се поклонува и се враќа до својата маса) (Богдан гледа низ двогледот долу) БОГДАН: Или јас не можам да ја сфатам или и таа е споулавена! ------------- ТОМЕ: (На Колета) Порано на рачниот чекрк барем бевме, блиску, а сега за секој збор треба да викаш. КОЛЕ: Нè разделија: еден на едната греда, друг на другата. ТОМЕ: Зошто? КОЛЕ: Не знам. Може оние горе знаат. (Пауза) Едни горе, други долу. Едни седат, други р'мбаат. ТОМЕ: Едни под чадори, други на сонце. КОЛЕ: Едни имаат, други немаат. С и т е с м е п о д е л е н и. ТОМЕ: Кој нè подели? КОЛЕ: Не знам. И може несреќата доаѓа токму оттаму. (Вртењето на чекркот е сè побавен) Нешто слабо ми влечеш. ТОМЕ: Не можам, бате Коле. КОЛЕ: Де бре, Томе, држи се, не давај се. Можеш син да ми бидеш. Ако и ти не можеш, што да речам јас? ТОМЕ: Сиот сум во пот, губам здив. Воздух... има ли? КОЛЕ: Има, само е многу сув. Озгора сонцето пече, оздола земјата пече. Ние сме среде, како во угорена фурна. Одамна не се памети ваква горештина и суша. ТОМЕ: Не може. (Коле ќе повлече уште малку сам и ќе запре. Излегуваат од амовите) КОЛЕ: Што мислиш? ТОМЕ: Ќе застанам под онаа капавица. КОЛЕ: Ќе пиеш? ТОМЕ: Ќе пијам и ќе се плиснам. (Томе оди кон капавицата под боријата. Коле по него) КОЛЕ: Томе, таа е опасна вода. Таа е специјална вода. ТОМЕ: Море и од пеколот да е, ќе се напијам. Ова не се издржува. (Томе го подметнува лицето под капавицата десно. Коле го гледа уплашено) КОЛЕ: Томе, што правиш! ТОМЕ: Пијам. Оф, ама ми е убаво. КОЛЕ: Томе! ТОМЕ: Уште малку. ------------- (Богдан зачестено гледа низ двогледот долу. Илија и Методија си го позајмуваат двогледот и исто гледаат. Богдан ја крева слушалката од зелениот телефон. Илија ја крева слушалката од својот) БОГДАН: Илија, забележуваш ли нешто? ИЛИЈА: Да, другар директоре. Темпото е чувствително забавено, а сега има и самоволен прекин. БОГДАН: Еден од нив пие! ИЛИЈА: Јас би рекол дека се мие... БОГДАН: Погледни подобро. Тој пие! (Илија гледа низ двогледот долу) ИЛИЈА: Да, другар директоре, устата му е отворена. БОГДАН: Тој пие! Тој пие од специјалната вода! Кој им ја открил тајната? ИЛИЈА: Денес никој не доаѓал во допир со нив. БОГДАН: Сигурен ли си во тоа? Бездруго не можеле сами да дојдат на таа идеја. ИЛИЈА: Само т о ј слегуваше во врска со оние викови. БОГДАН: Знаев дека Методија е способен да изврши предавство. Значи тој им ја открил тајната? ИЛИЈА: Просто не можам да верувам. БОГДАН: Тој е способен да изврши и поголеми злосторства. (Без да ја испушти слушалката, гледа низ двогледот) Пиеше ли и другиот работник? ИЛИЈА: Не, само едниот. БОГДАН: Ако е жеден едниот, сигурен е жеден и другиот, а пие само едниот. Каква е таа сомнителна мистерија? ИЛИЈА: Не знам, другар директоре. БОГДАН: Следи ја будно ситуацијата и известувај ме за секоја евентуална промена. Особено пази на Методија! ИЛИЈА: Добро, другар директоре. (Богдан и Илија ги спуштаат слушалките) ------------ КОЛЕ: Томе, злото те мами! ТОМЕ: И така еднаш ќе се умре. КОЛЕ: Престани. Таа е опасна вода. Таа е специјална вода. ТОМЕ: Сега. (Томе си го мие лицето, ја влажни главата и излегува од капавицата) Ќе се напиеш ли и ти? КОЛЕ: А, благодарам. (Пауза) Се плашам за тебе. Чувствуваш ли нешто во стомакот? ТОМЕ: Не, ништо. КОЛЕ: Чудно. Специјална вода. Опасна вода. ТОМЕ: Тоа е лага. Вода како и секој вода. ------------ КОЛЕ: Може не ни кажуваат. Може кријат од нас. Не знаеме. Сепак се плашам за тебе. ТОМЕ: Зошто? КОЛЕ: Женет ли си? ТОМЕ: Не, а ти сигурно имаш и деца? (Пауза. Коле ја брише потта од лицето) КОЛЕ: Имав едно, но поарно да го немав. ТОМЕ: Што, несреќа? КОЛЕ: Голема. (Пауза) Работам, а умот ми е сè дома. Слободанчо ми е болен. Кон шест часот, бев втора смена, ме викаат на телефон. Слушам: Гласот на сосетката Фима. Ме пресече нешто. Детето се онесвестило. Јурам со велосипедот по улици, ништо не гледам, ќе ме изгазат. Дома, што да видам. Свеќи запалени, со кадилница темјан кадат, си реков: свршено е. За среќа, не беше така. Го освестиле. Марија, жена ми, споулавела: „Оди, Коле, барај чаре, Слободанчо ќе ни умре!“ Го завиткав в ќебе, го зедов и право в амбуланта. Си мислам, само лекар тука може да помогне. Стигнувам, по мене и Марија плаче, таму десетина луѓе чекаат. Ги замолив да ме пуштат напред, детево ми е многу болно. Ме разбраа луѓето, ме пуштија. Ама какво фајде. Му објаснувам на лекарот што и како се случи, а тој - скотот - ми бара книшка. Му велам, ќе ти донесам книшка, прегледај го детето, дај му нешто, а тој пак своето. Му велам, ја изгубив книшката, но работам државно, утре уште рано ќе донесам потврда, а тој - книшка, таа кишка. Брадосан, испарталавен, гледам наоколу, гледам во лекарот, - никој не ме познава, никој не сака да помогне. Го молам уште еднаш, го колнам, пак ништо. Ми се стемни пред очи. Ѝ го дадов детето на Марија и му скокнав на скотот. Еве ти книшка! Ама срипаа два-тројца луѓе и ме задржаа. Скотот избега. Еден ми вели: „Ако му е пишано да прездравее, ќе прездравее. Ако пак не му е, ништо не можеме против господа.“ Море, гркланот ќе му го извадам на оној скот“, велам јас. А човекот: „Ќе го убиеш, та не само што ти ќе се запустиш по затвори, туку и жена си ќе ја земеш на душа“. Се вративме дома без лек. Пред полноќ не издржа. Огнот го изгоре. (Ја брише потта од челото) ТОМЕ: Лоши луѓе, бате Коле. КОЛЕ: Тешко е да си никој и ништо во овој живот. ТОМЕ: Сепак ние сме луѓе. КОЛЕ: Ретко кој ти го признава тоа. (Пауза) Ај, да работиме. (Коле и Томе ги пикаат главите во амовите) ТОМЕ: Бате Коле, не ти мириса ли ова на нешто? (Покажува на амот) КОЛЕ: (Мириса) На што може да мириса, туку на кожа. ТОМЕ: Ај, помирисај уште еднаш. КОЛЕ: (Мириса) Еј, што е ова? Коњска пот! ТОМЕ: И мојот мириса на коњска пот! КОЛЕ: Амови за коњи! ТОМЕ: Амови за коњи! КОЛЕ: Нас нè впрегнале во амови за коњи! ТОМЕ: За ова ли се раѓа човек? За парче леб во коњски ам! КОЛЕ: Таква ни била судбината. Туку да вртиме, та да не останеме и без тоа парче. (Полека почнуваат да го вратат чекркот) ---------- (Богдан ја крева слушалката од зелениот телефон, Дремуша ја крева слушалката од својот) БОГДАН: Богоја да дојде кај мене. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Богдан и Дремуша ги оставаат слушалките врз тастерите) ДРЕМУША: (Кон Богоја) Те вика директорот. БОГОЈА: (Изненаден) Мене? Да немаш грешка? ДРЕМУША: Лично тебе и тргнувај веднаш. БОГОЈА: (Станува) Што му текнало сега пак за мене? (По скалите полека оди кон канцеларијата на Богдан; кога стигнува) Добар ден, директоре! БОГДАН Добар ден, Богоја. Ти од нараквиците не се делиш? БОГОЈА: За да не губам време. Инаку ако треба... БОГДАН: Што ти значи стар, добар службеник! БОГОЈА: Ќе отпуштате некого? Да пишувам отказ? БОГДАН: Не. Овојпат не. Повели седни. (Богоја седнува) За кафе или за коњаче? БОГОЈА: Ни за кафе, ни за коњак. БОГДАН: Што е ова од тебе? Да не те исплашил некој лекар? БОГОЈА: Сам се исплашив, сам се зареков и си стојам на зборот. Повеќе ни капка алкохол. Зашто ние, другар Богдане, не само што сме слуги на општеството, туку сме и родители на нашите деца, а и домаќини на нашите домаќинки. БОГДАН: Ти да не пиеш? Просто неверојатно. БОГОЈА: Не пијам, другар Богдане. БОГДАН: Сепак нешто сакам да те честам. БОГОЈА: Чаша вода ако може, и едно чоколадно бонбонче. (Богдан ја крева слушалката од зелениот телефон, Дремуша слушалката од својот) БОГДАН: Чаша кисела вода. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Богдан и Дремуша ги спуштаат слушалките. Од фрижидерот Дремуша зема шише кисела вода полни една чаша и откако во огледалце ќе се погледне и ќе ја дотера косата, тргнува по скалите) БОГДАН: (Кон Богоја) Како оди работата? БОГОЈА: Добро. Не сакам да се фалам со брзина. Јас не сум брз. Но, она што ќе мине под рацете на Богоја, тоа е минато. И тука грешка не може да има. БОГДАН: Тоа ме радува. (Таинствено) А што се зборува за мене по претпријатиево? БОГОЈА: Ништо не се зборува. Кој ме смета мене за човек, та да зборува сериозно со мене? БОГДАН: Методија нешто да не ломотел? БОГОЈА: А, да, беше Методија. Донесе ли нешто, зеде ли нешто, некој материјал, не се сеќавам добро, туку наеднаш ми се изнасмеа: „Тебе, чичко Богоја“, вели, „и директорот веќе одамна ве прегазило времето. И вашето место е во некој музеј или во зоолошка градина. Да ве гледаат деца и возрасни и да се чудат од кое старо време и од која далечна земја сте донесени овде меѓу нас“. Ете, гледаш каков шегаџија е тој Методија. БОГДАН: Јас во музеј? Глупости. Мене ми е доверена специјална, многу одговорна задача и јас се чувствувам способен да ја извршам до крај по каква и да биде цена! (Пристигна Дремушка, чашата ја остава на маса и се враќа во својата канцеларија) Повели Богоја. БОГОЈА: Водава убава, студена - ракава ми смрзна. А бонбонче ќе ми дадеш ли? БОГДАН: Јас заборавив. (Од една фиока вади кутија со бонбони и го кани Богоја; откако овој ќе земе, Богдан ја враќа кутијата) БОГОЈА: Многу слатко бонбонче. Благодарам. (Пауза. Богдан го зема двогледот и неколку моменти гледа долу кон чекркот) Богоја да јаде бонбонче и да пие само вода! Како мало дете, како стара баба. Ех, каде е она време, кога дури и со докторот се шегував? Одам јас на преглед, ја носам сликата од последниот рентген, а пред вратата ме забележува докторот, запира како пред стар пријател и ме прашува: „Како здравјето, Богоја, пиеш ли уште?“ А јас, ни око да ми трепне: „Пијам, докторе, и си го мезетам џигерот! А тој да пукне од смеа. „Сила човек си ти, Богоја. Ти нема да умреш како другите в кревет!“ Ете, така беше, некогаш и сега... -------------- (Коле и Томе го вртат чекркот со рамномерен, бавен чекор) КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Пак почнавме. КОЛЕ: Со што? ТОМЕ: Па, со ова: ај-оп. КОЛЕ: Кому му е грижа за нас. ТОМЕ: Да не се лути директорот. КОЛЕ: И да се лути малку, што од тоа? Мораме со нешто да се залажуваме. Да заборавиме на сево ова. А и времето некако да мине. (Томе ја повлекува главата и го загледува амот) ТОМЕ: Мојов ам е искинат. КОЛЕ: И мојов не е најздрав. ТОМЕ: Ми го жули вратот. Сигурно е постар од твојот. КОЛЕ: Стар или нов, сеедно. Амот си е ам. ----------- БОГДАН: (Кон Богоја) А оние викови ти пречеа ли? БОГОЈА: Кои викови? БОГДАН: Од оние долу во погонот. (Покажува со рака) БОГОЈА: А, не, та јас сум навикнат на тоа. Дома кај мене е уште поголема викотница. Викав, карав, ништо не помага. Та се помирив. Нас старите кој нè слуша денес? БОГДАН: Дома е друго. Ова е претпријатие и овде мора да има ред и дисциплина. БОГОЈА: Е, така е. БОГДАН: А кога работиш, ги слушаш ли? Ти го одвлекуваат ли вниманието? БОГОЈА: Ги слушам, ама се правам да не ги слушам. Ги затињам ушиве, и си ја гледам работата. БОГДАН: Значи, ти пречат? БОГОЈА: Е, така е. БОГДАН: Значи, ти пречат. А тоа пак докажува дека мојата наредба да се прекине со викањето била правилна. БОГОЈА: Може ли твоја наредба, другар Богдане, да не биде правилна? БОГДАН: А оние, Илија и Методија, ми развиваат разни сомнителни теории. БОГОЈА: Е, учени глави. Полнети, полнети, та преполнети. Ние не можеме да се мери со нив. БОГДАН: Не сум учен, но не се давам ни за двајцата заедно. Зашто и мојава глава е полна ама здрава, цврста - не како нивните. БОГОЈА: Така си е. (Пауза. Богдан погледнува низ двогледот долу) БОГДАН: Гледаш, тебе ти пречат, а ми пречат и мене. (Пауза) Мене тие силни викови ме потсетија на едно хајкање од Германците. Борбата беше жестока, но штом забележав дека им пристигаат засилувања со камиони, дадов наредба баталјонот да се повлече. Главнината беше се повлекла во густата шума далеку над патот, јас отстапував со заштитницата. Германците навалуваат силно, ги чувствувавме просто зад петици. Во малата шумичка, нешто како зелен остров пред големата, наидуваме на легнат борец. Тешко ранет во стомакот. Двајца борци се обидуваат да го кренат, не успеваат. Ме погледнаа, чекаат наредба. Гледам Германците наближуваат, та со ранетиот ќе загинат и двајца здрави борци. Реков: Повлекувај се! Се повлекуваме, а по нас јачи гласот на ранетиот: „Убијте ме, не оставајте ме... Убијте ме...“ Страшен глас. Потоа од работ на големата шума низ двоглед гледам: фашистите ја опкружија малата шумичка и силно викаат: Алт!... Алт!... или - Хајл!... Хајл!... Кој ѓавол ќе ги разбере. Како кучиња кога гонат дивинка. По неколку минути - истрели и рафали. Потоа штама. Сè беше свршено. БОГОЈА: Е, така му било пишано. Бог да го прости. БОГДАН: Уште ми е жал за тоа момче. И уште се прашувам: правилно ли постапив? БОГОЈА: Правилно, другар Богдане. Да си ги оставел и оние двајца, уште две мајки ќе си завиткал во црно. БОГДАН: Така и јас мислев, ама напати и в сон ќе ми се јави оној глас: „Убијте ме, не оставајте ме...“ Тоа не ми дава мир. БОГОЈА: Е, тоа е војната: некого ќе спасиш, некого не можеш да го спасиш. (Пауза. Богдан ќе погледне низ двогледот долу) БОГДАН: Во борбите командував, луѓето ме слушаа. И гинеа, ако требаше. А сега: едни мудруваат, други викаат - неред и недисциплина. Тоа ме боли. БОГОЈА: И јас дома им викав и им се карав, а тие - ти, татко, само пречиш! Видов, никој веќе не ме ферма, а којзнае може и им пречам, та си ја свиткав опашката, си седам мирен скраја во некое ќоше. БОГДАН: Јас им наредувам, а тие како да е глуви. БОГОЈА: Не чекај да нè разберат. Туку да гледаме ние да не им пречиме. БОГДАН: Јас сум директор на ова специјално претпријатие и мене мораат да ме разберат. БОГОЈА: Е, така е, ама младите ништо не разбираат. Мислат сè што лета и се јаде... (Богдан станува, по него Богоја) БОГДАН: Слободен си. (Богоја заминува) Или е сосем изматувен, или пак и овој е навистина спобудален. ------------ (Рамномерно бавно вртење на чекркот) КОЛЕ: Ние сме впрегнати. Вртиме, работиме. ТОМЕ: Од кога? КОЛЕ: Од утрово, од вчера. А може многу одамна. Може со векови влечеме, работиме. ТОМЕ: Зошто? КОЛЕ: Не ни кажуваат. Кријат. Не знаеме. (Пауза) ТОМЕ: Се плашам дека вака би можеле да влечеме уште долго. КОЛЕ: На нашево влечење како да не му се гледа крајот. ТОМЕ: Да знам дека вака ќе влечам в е ч н о, не ќе можам да издржам ни една недела. КОЛЕ: Никој не ќе може да издржи. ТОМЕ: Бате Коле, уште колку време ќе влечеме? КОЛЕ: Не ни кажуваат. Кријат. Не знаеме. (Со ракав ќе ја избрише потта од челото. Продолжуваат да вртат) КОЛЕ: Вода. Има ли нешто понужно за човека од водата. Вода и леб. Особено вода. ТОМЕ: Колку може човек да издржи само со вода? КОЛЕ: Само со леб, малку. Со вода дваесет, а некои велат дури и четириесет дена. (Пауза) КОЛЕ: Забранета за пиење. Опасна за пиење. Специјална вода. ТОМЕ: Обична вода. КОЛЕ: Влечеме, работиме. Вадиме вода. ТОМЕ: Зошто? КОЛЕ: Некаде ја праќаат. Може нешто од неа прават. Може нешто лекува. Нашава пот и нашиов труд може некому му прават добро. Некој може ни е многу благодарен. ТОМЕ: Кој? КОЛЕ: Не ни кажуваат. Кријат. Не знаеме. ТОМЕ: Ние ништо не знаеме. (Пауза) КОЛЕ: А може од оваа вода никој да нема никаква полза? ТОМЕ: Како така? КОЛЕ: Може влечеме, работиме попусто. Може маѓосани ја влечеме само нашата судбина. ТОМЕ: Судбина? КОЛЕ: Кој како си ја наредил. Едни седат, други влечат. Едни под чадори, на други главата им пука од сонце. ТОМЕ: Кој ја наредил? КОЛЕ: Оној горе. ТОМЕ: До кога? КОЛЕ: До кога? (Рамномерно, бавно вртење на чекркот) ----------- (Илија ќе погледне низ двогледот долу, па ќе го даде на Методија, кој исто така неколку моменти ќе гледа) ИЛИЈА: Што ќе правам? Вртењето во единица време загрижувачки опаѓа? МЕТОДИЈА: Да се вратиме на рачниот чекрк. ИЛИЈА: Сериозно? МЕТОДИЈА: Зошто не. ИЛИЈА: Тоа би било враќање назад. МЕТОДИЈА: Ако патот е кружен, се движел ти назад или напред, сè на исто му излегува. Ќе стигнеш на истата цел. ИЛИЈА:На која цел? МЕТОДИЈА: Тапкање во место. ИЛИЈА: Со мојот изум со иста работна сила вртењата во единица време ги зголемив, а производството на вода порасна. Тоа е несомнен напредок! МЕТОДИЈА: Напредок? Голем збор. Со милениуми водата ниту пораснала, ниту се намалила. Од океанот таа се движи кон атмосферата и од атмосферата пак кон океанот. Кружен пат на водата, како и патот на човештвото. Што им даде твојот изум на оние долу? (Илија гледа низ двогледот, Методија рецитира) Одевме напред со верба и надеж Долг беше патот по волја и сртој Сфативме доцна со поглед страен В круг само маѓепсан тој нè вртел. ИЛИЈА: Стихови? МЕТОДИЈА: За нашата величенствена илузија! ИЛИЈА: Не те разбирам најдобро. МЕТОДИЈА: Или за нашите величенствени пирамиди. ИЛИЈА: Кои пирамиди? МЕТОДИЈА: Нашите. Градењето на многубројни огромни пирамиди и храмови ги исцрпило силите на стариот Египет. Се плашам и нашите величенствени пирамиди да не ја исцрпат и нашава земја. ИЛИЈА: Интересно, но нејасно. МЕТОДИЈА: И покрај надворешната зборливост и колективен шум, душата во пирамидата останува усамена и си вели: зошто? ИЛИЈА: Што? МЕТОДИЈА: Па, тоа... (Богдан ја крева слушалката од зелениот телефон. Илија ја крева слушалката од својот) БОГДАН: Илија? ИЛИЈА: Да, другар директоре. БОГДАН: Кај мене. ИЛИЈА: Веднаш, другар директоре. (Богдан и Илија ги оставаат слушалките. Илија станува и се готви да тргне) МЕТОДИЈА: На поклонение кај фараонот ли? ИЛИЈА: Што си смешен. Извини, морам да брзам. (По скалите Илија се искачува кај Богдан. На знак од директорот Илија седнува) ------------- (Рамномерно, бавно вртење на чекркот) КОЛЕ: Амот е направен за коњ. ТОМЕ: Што не купат коњи? КОЛЕ: Може се скапи. Може не е предвидено. ТОМЕ: Ние сме поевтини. КОЛЕ: Ние не сме обични коњи. Ние сме „специјални“ коњи, што вадат „специјална“ вода. ТОМЕ: Лагата е специјална, а водата - обична. КОЛЕ: Да впрегнеш човек во ова! (Покажува на амот) ТОМЕ: Кој го нареди тоа? КОЛЕ: Оној горе. Нашиот бог. Нашиот Богдан. ТОМЕ: Знае ли тој дека и ние постоиме? КОЛЕ: Дури влечеме и работиме не ќе се сети. ТОМЕ: Знае ли тој дека и ние сме луѓе? КОЛЕ: Штом впрегнал жив човек во коњски ам, значи дека изумил. Ех, мој Томчо, не се сеќава тој на нас. Тој нè смета за никој и ништо. ТОМЕ: Ние не сме коњи. КОЛЕ: Немаме убава облека, немаме ордени и влијателни пријатели. Сепак имаме нешто. ТОМЕ: Да го потсетиме. Да му докажеме. КОЛЕ: Најпосле, ќе мораме да му докажеме! ------------ (Богдан ќе погледне низ двогледот долу) БОГДАН: (Кон Илија) Како производството? ИЛИЈА: Откако им забранивте да викаат, се забележува извесно опаѓање. Сепак, мерено во единица време вртењето е во рамките на планот. БОГДАН: Никако под планот. Никако! ИЛИЈА: Додека сум јас технолог, другар директоре, нема да дозволам да падне под планот. БОГДАН: Се гордеам со тебе. Ти си единствениот умен и работлив човек овде. А тоа пак значи дека мислам ти да бидеш мој наследник. ИЛИЈА: Благодарам. БОГДАН: (По извесна пауза) Што работи Методија? ИЛИЈА: Ги проучува психичките реакции кај човекот впрегнат во ам. БОГДАН: И до какви позитивни заклучоци дошол? ИЛИЈА: Засега изразува само сомневање. БОГДАН: Тој се осмелува да се сомнева во мојот голем потфат! Тој болен мозок, тој обичен предавник! ИЛИЈА: Ми рече: ќе ви докаже дека не е предавник. БОГДАН: Ќе докаже? Како ќе докаже? ИЛИЈА: Не знам. БОГДАН: Нека докаже, та после ќе му верувам. (Низ двогледот ќе погледне долу кон чекркот) Инаку што зборува. ИЛИЈА: За пирамидите. БОГДАН: За кои пирамиди? ИЛИЈА: Првин за египетските, потоа за нашите. БОГДАН: Чудно. Не се разбирам од архитектура, но, колку што знам, кај нас нема пирамиди. Од каде ли само ги измисли? ИЛИЈА: Тој вели: нашите величествени пирамиди. БОГДАН: Што тој болен мозок, лебати, таи под зборот „наши пирамиди“? ИЛИЈА: Не е лесно човек да се снајде во неговите загатки и симболи. Можеби под тоа мисли на сè она огромно што е кај нас замислено, а не е остварено. БОГДАН: На нашите програми и декларации? ИЛИЈА: Или на сè она огромно што е остварено, а не служи никому и за ништо. БОГДАН: Море, да не мисли тој на хиерархијата во општеството. Таа можеби има форма на нешто како пирамида. (Со рацете оцртува пирамида) Но како што е замислена, таа е целосно и остварена. Не, не е тоа. ИЛИЈА: Тој не зборува отворено. БОГДАН: Не само што е предавник, туку е и непријател на нашата земја. Зашто само прикриените непријатели не зборуваат отворено. (Ќе погледне низ двогледот долу) А што зборува лично за мене? ИЛИЈА: Како да ви кажам... Дека се тоа само халуцинации на... БОГДАН: Кажи отворено, не плаши се! ИЛИЈА: ... На човек во агонија. БОГДАН: За мене? ИЛИЈА: За вас. Но додаде: „Впрочем, во извесна смисла, сите ние сме лудаци.“ БОГДАН: А, нека извини: ако е тој луд, јас не сум. Обратно, јас се чувствувам здрав и силен, како никогаш. И ќе ја продолжам мојата борба до крај. (Пауза) Навистина, како ти изгледам? Нели сум здрав и силен? ИЛИЈА: Да, другар директоре, вие сте здрав и силен. (Богдан станува, по него и Илија, кој се враќа до својата работна маса. Богдан гледа по него и воопшто во сите што се под него) БОГДАН: Сите вие сте лудаци. (Седнува и во џебно огледалце го испитува лицето) ----------- (Коле и Томе го вртат чекркот бавно, рамномерно. Одлево наидува минувачка во селска носија. Запира некаде на средина меѓу чекркот и пирамидата) МИНУВАЧКАТА: Аирлија работа, мажи! (Коле и Томе запираат и ја гледаат љубопитно) КОЛЕ: Благодариме. МИНУВАЧКАТА: Да не сте осудени? ТОМЕ: Не сме. КОЛЕ: Па да видиш и осудени сме. Што да криеме. МИНУВАЧКАТА: Треба големо зло да сте сториле. Гледам ве впрегнале во коњски амови? КОЛЕ: Големо зло, невесто. Кога нè родила мајка ни, богатството на земјава веќе било поделено. Нам ни останаа само гредиве и по еден коњски ам. МИНУВАЧКАТА: Другему да прикажуваш такви приказни. Туку можам ли да се напијам од оваа капавица. Грлото ми изгоре. КОЛЕ: Оваа вода не е обична вода. Оваа вода е „специјална вода“. ТОМЕ: Опасна за пиење. Забранета за пиење. Не гледаш што пишува тука. (Покажува на натписите врз оградата од бунарот) МИНУВАЧКАТА: Другему такви приказни. Јас сум од овој крај и водата ја знам поарно од вас. Нема овде лоша вода. (Минувачката оди под капавицата и пие) КОЛЕ: Не пиј од таа вода, невесто! ТОМЕ: Предвреме ќе пометнеш. (Се смее) (Извесно време ја гледаат како пие. Минувачката се враќа на преѓешното место. Со раце си го брише лицето) МИНУВАЧКАТА: Оф, ама ми е арно. (Ги гледаат нејзините бујни гради и немирни колкови) КОЛЕ: Сега арно, а вечер стомак ќе те испие. Оваа вода полека труе. МИНУВАЧКАТА: Дојди вечер да ми вртиш папок. (Се смее) КОЛЕ: На драго срце, ама веќе сум врзан. МИНУВАЧКАТА: Осудените не се со жени. КОЛЕ: Арно де. А тебе какво добро те нанесе овде? МИНУВАЧКАТА: Барам една овца. Легнав под брестот и сум задремала. Кога се разбудив, гледам само четири овци, а беа пет. Да не минал одовде некој човек со овца? КОЛЕ: Одовде никој не минува. ТОМЕ: Ова е пусто место. КОЛЕ: Ова место е само за осудени. МИНУВАЧКА: Море, некој да не ми ја одвлекол натаму. (Покажува кон просторот зад пирамидата) Е, ај со здравје, мажи, и света Богородица да ви е напомош! (Заминува в десно) (Коле и Томе ја гледаат како привидение што се губи) КОЛЕ: Оваа не бара овца, туку прч. А, Томчо, би ~ помогнал ли на невестата да ја најде овцата? ТОМЕ: Тебе ти фрли мерак, не мене. (Дремуша носи чаша вода по скалите кон Богдан. Томе гледа по неа, Коле го забележува тоа) КОЛЕ: Јас ти зборувам за онаа, а ти окото си го залепил за оваа. ТОМЕ: Забрането ли е да се гледа? КОЛЕ: Од гледање фајде нема. Туку кога би ја стегнал онака машки, сите ковчиња би ~ заскрцкале! ТОМЕ: Убава девојка. КОЛЕ: Тоа ластарче не е за нас. Богдан него си го грицка кога ќе му се посака. Блазе си му на тој скот! (Почнуваат полека да вртат) Томе, ќе се жениш ли скоро? ТОМЕ: На тоа сè уште не смеам ни да мислам. Тројца браќа живееме во една соба и кујниче. Мислам да спечалам нешто, да приправам едно сопче, та потоа. КОЛЕ: Не брзај. Женењето е сериозна работа. (Пауза) Уф, што сум жеден! ТОМЕ: Па, напиј се и ти. КОЛЕ: Од специјалната? ТОМЕ: Од неа. КОЛЕ: А, не, благодарам. Ќе трпам, ама не пијам од неа. ТОМЕ: Ем не веруваш дека е специјална, ем се плашиш да се напиеш! КОЛЕ: Не верувам, ама ја ако е навистина специјална? ТОМЕ: Јас се напив, жената се напи и - ништо. КОЛЕ: Ја ако дејствува по шест или дванаесет часа? Како некои лекови? ТОМЕ: Никакво дејствување. Вода како и секоја вода. (Извесно време, бавно, рамномерно вртат) ТОМЕ: Нема да се напиеш? КОЛЕ: Уште малку ќе издржам. Туку да повртиме побрзо. Вака од жед и горештина ќе припаднам. Ах, ова сонце! ТОМЕ: Да повртиме. (Темпото на вртењето постепено се забрзува) КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... КОЛЕ: Ај!... ТОМЕ: Оп!... (Богдан, Илија и Методија со двоглед гледаат долу кон чекркот) ТОМЕ: Ти се врти в глава? КОЛЕ: Не. ТОМЕ: Чудно. (Темпото на вртењето е сè така забрзано. Усвитен очај како да им дава сили) ТОМЕ: Бате, Коле! КОЛЕ: А? ТОМЕ: Ти се врти ова наоколу? (Покажува со раце на околината) КОЛЕ: Не. ТОМЕ: Ах, мајката. (Пауза) КОЛЕ: Томе! ТОМЕ: А? КОЛЕ: Ти се потсекоа нозете? ТОМЕ: Како да не се мои. КОЛЕ: И моиве. (Пауза) КОЛЕ: Томе! ТОМЕ: А? КОЛЕ: Кој ја врти зградава, земјава? ТОМЕ: И тебе? КОЛЕ: Кој го врти небоно? (Еден поглед угоре) Ах, ова сонце! ТОМЕ: И тебе ти се врти? КОЛЕ: Кој нè врти вака лудо? Кој си игра со нас? (Пауза) ТОМЕ: Коле? КОЛЕ: А? ТОМЕ: Не можам. КОЛЕ: А? ТОМЕ: Да не амов ќе паднам. КОЛЕ: И јас. (Пауза) ТОМЕ: Коле! КОЛЕ: А? ТОМЕ: Што сме згрешиле? КОЛЕ: Какво зло сме сториле? ТОМЕ: Осудени? КОЛЕ: Вечно. (Запираат. Извесно време главите им се виснати во амовите. Потоа сосем бавно ги водат и паѓаат како покосени. Штама. Малку се прибираат и седнуваат) ------------ (Богдан гледа низ двогледот, па ќе ја крене слушалката од зелениот телефон; Илија ја крева слушалката од својот) БОГДАН: Што е тоа? ИЛИЈА: Процесот на производството е прекинат. БОГДАН: Зошто? ИЛИЈА: Не знам, другар директоре. БОГДАН: Кој треба да знае? Зошто ве плаќам? ИЛИЈА: Веднаш ќе испитам и ќе ви јавам. БОГДАН: Не само да ми јавиш, туку работата веднаш да продолжи! ИЛИЈА: Разбирам, другар директоре. (Богдан и Илија ги спуштаат слушалките. Илија и Методија забрзано слегуваат кон чекркот. Кога ќе стигнат, неколку моменти испитувачки ги гледаат седнатите работници) ИЛИЈА: (Кон Коле) Не работиш? КОЛЕ: Не. ИЛИЈА: Зошто? КОЛЕ: Ме боли глава. ИЛИЈА: Тоа не е причина. КОЛЕ: Не знам. ИЛИЈА: Веднаш стани и да работиш. КОЛЕ: Не можам. (Илија го гледа молчеливо и зачудено. Потоа оди кај Томе) ИЛИЈА: Зошто седиш? ТОМЕ: Нозеве не ме држат. ИЛИЈА: Зошто не работиш? ТОМЕ: Ме боли глава. ИЛИЈА: Веднаш да работиш. ТОМЕ: Не можам. (Еден миг Илија стои вџашен) ИЛИЈА: (Кон Коле и Томе) Директорот нареди работата веднаш да продолжи! КОЛЕ И ТОМЕ: Не можеме. (Илија малку стои молчаливо, потоа оди брзо кај директорот. Методија испитувачки ги загледува работниците и шета околу чекркот) БОГДАН: Оние уште седат? ИЛИЈА: Велат дека ги боли глава. БОГДАН: Нека боли и нека работат. ИЛИЈА: Рекоа: „Не можеме“. БОГДАН: Да, тоа е штрајк! Уште тоа ми требаше. Во моево специјално претпријатие такво нешто никогаш не се случило и нема да се случи. Јас нема да дозволам. (Пауза) Бргу состанок на колективот долу во погонот! ИЛИЈА: Веднаш, другар директоре. (Илија излегува кај Дремуша, ~ соопштува и продолжува кон чекркот. По него Дремуша и Богоја со црните нараквици. Последен слегува Богдан) ИЛИЈА: (Кон Богдан) А, оние, другар директоре? (Покажува кон работниците) БОГДАН: И тие да дојдат. (Илија им дава знак со рака на работниците да станат. Коле и Томе полека стануваат и се придружуваат кон групата на средината на сцената) БОГДАН: (Се искашлува) И во оружената револуција и во изградбата сум командувал и со многу луѓе. Некогаш задачите беа полесни, некогаш потешки, а некогаш богами луѓето ги водев и во смрт! (Пауза) Никој никогаш не ми откажал послушност. Ова е првпат во мојот живот. Другарите Коле и Томе самоволно ја прекинаа работата. На мојата наредба да продолжат - тие останаа дезертерски упорни и глуви. Толку. БОГОЈА: (Кон Коле и Томе) Другарчиња, ова не ви чини. Разбирам малку да работите малку да забошотувате. Тоа некако може да се оправда. Ама вие вака апла сте седнале и седите сите да ве гледаат. А, тоа не ви чини. Ќе ни кажете ли зошто не сакате да работите? КОЛЕ: Не можеме. БОГДАН: Не можете или не сакате? ТОМЕ: Кога работиме ни се врти пред очи. БОГДАН: А кога не работите? ТОМЕ: Не ни се врти. Само глава нè боли. БОГДАН: Убава работа. Значи да не работите? Ако вие не работите, од што ќе живее ова општество? КОЛЕ: Не знаеме. (Пауза. Богдан ги гледа работниците нервозно и нестрпливо) БОГДАН: Некој можеби мисли дека сум строг. Се лаже. Тоа не е точно. Ако бев строг, и за досегашните ваши грешки јас можев да преземам најостри мерки. КОЛЕ: Можете. БОГДАН: Пиевте од специјалната вода. Прекин. Помина една жена. Прекин. Разговор меѓу себе. Прекин. Колку пати ја прекинувавте работата? Точно ли е сево ова? КОЛЕ: Точно е. ТОМЕ: Јас само пиев, а Коле не пиеше. БОГДАН: Зошто? ТОМЕ: Не можев да издржам. Грлово ми гореше и главата ќе ми пукнеше од ова сонце. БОГДАН: Така. Ова сонце како само вас да ве грее. (Пауза) За вашите многубројни грешки имав право да изречам најстроги казни. Не сакав. Чекав да видам дали ќе се поправите, или пак... (Пауза) Кажавме што требаше да се каже, ајде сега да работиме. КОЛЕ: Не можеме. БОГДАН: (Револтиран) Да е војна знаете ли што претставува ова? Непослушност, дезертерство. А тоа се казнува со куршум! КОЛЕ: Вие можете сè. БОГОЈА: Кој бара збор? БОГДАН: (На Дремуша) Донеси ми ја шапката. Не сум свикнал без шапка на сонце. (Дремуша оди до канцеларијата на Богдан и му ја донесува шапката. Богдан ја става врз главата) МЕТОДИЈА: Всушност ова и не е моја област. Ова влегува во професионалните болести. На печатарите им се стајува олово во крвта, на тутунските работници - тутунова прав во градите, а старите шарлаганџиски момци по години и сосем ослепувале од врелата, мрсна пара над казанот. БОГДАН: А за случајов? ИЛИЈА: Другар директоре, тој ми предложи да се вратиме на стариот рачен чекрк. Тоа би значело производството во единица време... БОГДАН: И ти Методија, сакаш да го минираш моево претпријатие? Друго и не очекував од тебе. Па вие сите сте се договориле да ме дигнете во воздух. (Наеднаш ги крева рацете) МЕТОДИЈА: Обратно. Сакам да дадам сосема друг предлог. (Пауза) Дедо ми имал работилница за шарлатан. Ноќе коњот го вртел каменот за мелење афионско семе речиси без запир, но дење често застанувал. Работата не одела. Побарал совет од еден пајтонџија. Тој му рекол: „Пред да излезе мугра, ставај му темни очила и коњот ќе мисли дека е постојано ноќ, а патот прав и долг и нема да запира“. Така сторил дедо ми и работата се поправила. БОГДАН: Методија, ти ме изненадуваш. Пријатно ме изненадуваш. Што ти значи да имаш учен човек во претпријатието. МЕТОДИЈА: Новиот чекрк има кружна патека. Црнката во окото на работникот, изложена на сензациите од блиската подвижна средина, што се повторуваат зачестено, е присилена да прави големи усилби. Заморот од црнката го опфаќа окото, а оттаму и центарот за вид во мозокот. Главоболие. Заморот на органот за вид, потсилен од високите температури и хроничната ненахранетост - го доведува сиот организам на работ од целосна криза. Работникот запира и паѓа. БОГДАН: И што предлагаш? МЕТОДИЈА: Заштитни очила. Специјални очила. БОГДАН: (Радосно ги трие рацете) Одлично. Специјални очила за вадење специјална вода. Производството на специјална вода ќе продолжи. Планот ќе биде извршен. Моево претпријатие - пофалено од државата и од весниците. Методија, ќе те предложам за орден. Ти го спаси претпријатието. МЕТОДИЈА: Благодарам. БОГДАН: Но каде да најдеме такви очила. Не смее да се губи ни минута попусто! МЕТОДИЈА: Сами ќе ги направиме. Многу просто. Ќе земеме чифт очила за сонце и само ќе им ставиме еден специјален додаток напред. БОГДАН: Јас ги подарувам моиве очила. (Ги вади од малиот џеб на палтото) ИЛИЈА: И јас моиве. (Ги вади од внатрешниот џеб) БОГОЈА: И јас би ги дал моиве, ама потоа ништо нема да виѓавам. МЕТОДИЈА: Само два чифта, молам. Повеќе не се потребни. (Методија и Илија се свртуваат и се оддалечуваат малку од групата. По извесно време, се враќаат) Специјалните очила се готови. Молам да ги испробаме. (Едни очила му дава на Коле, едни на Томе. Овие недоверливо ги разгледуваат) БОГДАН: Ајде, ставете ги, што се мислите. (Коле ги става очилата на очи) КОЛЕ: Ништо не гледам. (Ги симнува очилата) БОГДАН: А што ти треба да гледаш? Тие очила се за работа. А кога работите што има да гледате? КОЛЕ: Овие очила не се за нас. БОГДАН: А за кого се? КОЛЕ: За коњи. ТОМЕ: Ние сме луѓе. БОГДАН: Кој ви го одречува тоа? Се разбира дека сте луѓе. КОЛЕ: Ни навлековте коњски ам на вратот, а сега сакате и коњски очила. БОГДАН: Луѓе, што ви е? ИЛИЈА: Модернизацијата на технолошкиот процес императивно бараше и модерни средства за производство. КОЛЕ: Со стари коњски амови, што мирисаат на коњска пот. ТОМЕ: Мојот ам е искинат и ми го нажули вратот. (Покажува со рака) БОГДАН: Илија, каде ги набавивте овие амови? ИЛИЈА: Па, во отпад. Знаете вчера нови немаше, та моравме... БОГДАН: Добро, н о в и а м о в и ќе ви купам. Сега ајде на работа. (Коле и Томе стојат недвижни) Вие уште се мислите? БОГОЈА: Млади луѓе, а се плашите од едни очила. ДРЕМУША: Другар директоре, јас не можам повеќе да стојам на ова сонце... БОГДАН: Добро, оди. (Дремуша оди во канцеларијата и седнува) (Кон работниците) И сега? КОЛЕ: Овие очила не се за нас. БОГДАН: Вие пак старата песна. КОЛЕ: Овие очила се за слепи. БОГДАН: Од каде ги измисли па ова? КОЛЕ: При очи не сакаме да бидеме слепи. ТОМЕ: Ние сакаме да гледаме. БОГДАН: Гледајте, кој ви брани. Само какво фајде од тоа? Од гледање ве болат очите и ве фаќа вртоглавица. МЕТОДИЈА: Овој предлог јас го дадов од хумани побуди: да ги ублажам болките на човекот. ИЛИЈА: И јас сметам дека предлогот е многу корисен: и работата да се врши, и луѓето да не страдаат. БОГОЈА: Момчиња, ајде во своите амчиња! КОЛЕ: Не можеме. БОГДАН: Не можете или не сакате? (Коле и Томе стојат недвижни. Оддесно наидува минувач; блед, небричен, испартален, бос) МИНУВАЧОТ: Добар ден, добри луѓе. БОГДАН: Што бараш тука? Не гледаш дека имаме работа? МИНУВАЧОТ: Кој е овде главниот? БОГДАН: Јас сум. Зошто? (Минувачот му се приближува) МИНУВАЧОТ: Другар, ти татко, ти мајка. Имам четири деца и жена, сите од овие раце чекаат. (Ги пружа рацете) За една соба плаќам дваесет илјади на месец. Ако не платам, газдата ќе нè набрка. Потоа, каде? Немаме ни познат, ни роднина во овој град. Да се вратам на село - и таму немам ништо. Имав едно магаре - и него го продадов. (Зема здив) Десет години работев, сега ме отпуштија. Некои велат од што струја немало, други - од што сме немале школо. Одев и молев на многу прагови. Тропав на мали и големи врати. Ништо. Сега дојдов кај тебе. (Зема здив) Ако и ти не ме разбереш, ако и ти не ми помогнеш, да ми прости пресвета Богородица, ама мене ми дошол крајот. Ако и на овие години не можам да им дадам корка леб на моите дечиња, на моите златни анѓели, поарно и мене да ме нема. Со последните пари ќе купам канта бензин, ќе го истурам врз мене, ќе го запалам и - крај. (Неколку мига го гледа Богдана со молбени, вжарени очи) Другар, ќе се смилуваш ли? БОГДАН: (По извесно размислување) Дојди утре. МИНУВАЧОТ: Ако ми помогнеш, да бидеш благословен довека. Сè што има арно на овој свет: здравје, среќа, долг живот, сè да биде твое. (Се поклонува) Благодарам. (Минувачот полека заминува влево. Сите го следат со поглед. Пауза) БОГДАН: (Кон Коле и Томе) Видовте со свои очи и чувте со свои уши. Надвор илјадници страдаат за работа и за парче леб, а вие овде се инатите за некакви дребулии. (Со повисок тон) Доста беше убедување. Кој сака да работи, на своето работно место! Кој не сака - надвор! За ова претпријатие јас одговарам и овде јас командувам! (Коле и Томе ќе го погледнат Богдан, па еден друг и со бавен чекор се упатуваат кон своите амови. Богдан, Илија, Методија и Богоја се враќаат во своите канцеларии. Додека Томе влегува во својот ам, Коле развинтува нешто на спојот од гредата со чекркот) ТОМЕ: Ќе почнеме ли, бате Коле? КОЛЕ: Да завинтам нешто. Гредава ми клапа. (Коле ја вади гредата и се упатува кон пирамидата) ТОМЕ: Коле, што си наумил? КОЛЕ: Оној скот ми избега, ама овој ќе плати и за него! (Богдан нервозно ја крева слушалката од телефонот; Илија ја крева слушалката од својот) БОГДАН: Гледате ли што станува долу? Тоа е бунт! Сите долу! (Ја остава слушалката и се стрчнува по скалите удолу. Кога ќе го забележат Колета со крената греда, Илија, Методија и Богоја мигум ќе се скријат под маси) ТОМЕ: Коле, врати се! (Коле прави уште неколку чекори во пресрет на Богдан и некаде под првото скалило го удира со гредата по глава. Крик. Богдан паѓа на скалите. Томе, излегол од амот, се приближува кон Коле) ТОМЕ: Коле, што направи? (Дремуша полека излегува од канцеларијата) ДРЕМУША: (Кон другите службеници) Излезете од под своите маси. Опасноста помина. (Пауза) Директорот е убиен. (Илија, Методија и Богоја излегуваат од под масите и со закопен чекор се приближуваат кон убиениот. Коле и Томе стојат под скалите. Далечен хор пее траурен марш. Богоја се приближува до трупот, му ги склопува клепките, се исправа и се прекрстува) БОГОЈА: Бог да го прости. Добар човек беше. З А В Е С А ВТОР ДЕЛ I С Ц Е Н А Соба на Коле и Марија. Во дното евтин, зелен креденец за кујна. До креденецот, прозорец. Лево до ѕидот железен кревет со бели табли. На средина маса покриена со бела покривка, и два стола. Десно во дното врата; прв план црна печка на јаглен; до неа мијалник. Врз ѕидот календар со зимска, планинска панорама. Меѓу првиот и вториот дел минува еден месец. (Марија во скромен фустан седи врз кревет и крпи кошула. Тропање на врата, тивко воздржано. Марија истрпнува, станува и се стрчнува кон вратата) МАРИЈА: Кој е? ГЛАСОТ НА КОЛЕ: Коле. МАРИЈА: (Брзо отвора) Ти си? КОЛЕ: Јас. (Коле влегува. Цврста, тажна прегратка) МАРИЈА: Те пуштија? КОЛЕ: Не. МАРИЈА: Како, па ти си дома? КОЛЕ: Сакав да речам ме пуштија, ама... МАРИЈА: Не ти забележувам. Малку си замелушен. Не е ни чудо. КОЛЕ: А ти? МАРИЈА: И јас. Мисли, мисли, што ќе измислиш? (Покажува кон еден стол) Седни, одмори се. (Коле седнува) КОЛЕ: Не сум уморен. МАРИЈА: Како таму? КОЛЕ: Добро. МАРИЈА: Да ти принесам нешто да каснеш? КОЛЕ: Ми дадоа да ручам. МАРИЈА: Толку те мислев. По цела ноќ око не можев да склопам. Седам сама, крпам нешто и мислам. КОЛЕ: Што ќе мислиш? Она што стана, стана. МАРИЈА: Така е, ама ете... луѓе сме... (Пауза) Докажа дека не си крив? КОЛЕ: Јас мислам... МАРИЈА: А тие? КОЛЕ: Не знам. МАРИЈА: Ах, како наеднаш се изменија работите. КОЛЕ: Судбина. (И двајцата извесно време молчат и се гледаат. Марија, станува и од креденецот зема ситни пари и мрежа за на пазар. Коле го забележува тоа) КОЛЕ: Каде? МАРИЈА: Да купам нешто за вечера. Ти легни си на кревет, одмори се. КОЛЕ: Седи, не оди. МАРИЈА: Како? Си дојде дома и да седнеме без вечера? КОЛЕ: Не оди, Маријо. МАРИЈА: Бргу ќе се вртам. (Марија излегува. Коле некој миг ја гледа како се оддалечува, потоа станува и чекори по собата, љубопитно загледувајќи го скудниот мебел) КОЛЕ: Дома, а како да не си дома. (Седнува, се фаќа за глава. Марија се враќа без мрежа) МАРИЈА: Кои се оние двајца пред врата? КОЛЕ: Од таму. МАРИЈА: Ги познаваш? КОЛЕ: Тие ме донесоа. МАРИЈА: Сакам да излезам од куќа, не ме пуштаат. Јас им велам: морам да купам малку грав, сол, а и лебот не ќе ни стигне за вечера. КОЛЕ: А тие? МАРИЈА: „Ние ќе ти купиме, невесто“. КОЛЕ: И што стори? МАРИЈА: Видов, не видов, им ја дадов мрежата и парите. Само, да не нè измамат? КОЛЕ: Не плаши се. МАРИЈА: Гледам сериозни луѓе, убаво облечени, со шапки. Тоа ме излажа да им поверувам. КОЛЕ: Ти реков, не оди. МАРИЈА: Како, зар да не смеам и од куќа да излезам? КОЛЕ: Не знам. МАРИЈА: Колку време ќе стојат пред врата? КОЛЕ: Ништо не ми рекоа. МАРИЈА: Колку е чудно сè ова. Дома си, како да не си дома. (Пауза. Се слуша тик-такањето на будилникот) КОЛЕ: Ќе дојде човек. МАРИЈА: Од каде? КОЛЕ: Од таму. МАРИЈА: Овде, кај нас? КОЛЕ: Да. (Чукање на врата. Марија отвора и од една подадена рака ја позема мрежата со продукти. Вратата се затвора. Марија се свртува кон Коле и неколку моменти стои недвижна и без збор) МАРИЈА: Не нè измамија. (Ги развиткува ќесите и ги загледува продуктите) КОЛЕ: Ти реков. МАРИЈА: Колку е чудно сè ова. (Продуктите ги сместува во креденецот) (Тропање на вратата) КОЛЕ: Да. (Влегува Недан со црна чанта в рака) НЕДАН: Добар ден. (Коле и Марија му одговараат со половина уста. Недан малку стои со шапка в рака и гледа каде би ја закачил. Марија му покажува на мала закачалка, отстрана на креденецот. Недан седнува на еден стол и од чантата вади папка со хартии што ја става врз маса) (Кон Коле) Седнете на овој стол. (Му покажува на столот спроти себе. Коле седнува) Да почнеме... МАРИЈА: Ако треба, јас да излезам? НЕДАН: Не, не ни пречите. Вие гледајте си ја вашата работа, а ние нашава. (Кон Коле) На претходното сослушување вие дадовте свој исказ. Тој е тука. (Покажува кон хартиите) Нема да повторуваме. Ве молам на прашањата да одговарате точно и прецизно. КОЛЕ: Добро. НЕДАН: Тој бил жив човек, со деца, со жена. А, како што знаеме, секој жив човек има право да живее. Свесен ли бевте дека кревате рака на жив човек? КОЛЕ: Па, на мртов кој би кренал рака? (Пауза) НЕДАН: Дали лично сте се карале со Богдан? Дали лично ти сторил некакво зло? КОЛЕ: И мене и на Томета. Има ли поголемо зло од тоа некој да не те признава за човек? НЕДАН: (Раздразнето) Постојано: тебе и на Томета! А зошто и Томе не кренал рака? КОЛЕ: Не знам. Тој си знае. (Пауза) Може од што е уште млад и срцето уште не му е јагленосано од мака. НЕДАН: А твоето? КОЛЕ: Добро не сум видел во животот. Само зло. НЕДАН: Добро. (Недан пак нешто запишува во хартиите. Потоа се издишува. Врти сомнително со глава) Тешко со тебе. Тешко. (Кон Марија) Една чаша вода, молам? (Марија му дава чаша вода) Благодарам. (Ја испива) Каква горештина. Просто неиздржливо. А јас морам и попладне да работам, дури и овде да доаѓам. Само заради вас! (Коле и Марија го гледаат виновно, зачудено. Тропање на врата) НЕДАН: Напред. (Влегува Томе, застанува малку, климнува со глава кон Марија и Томе, па кон Недан) (Кон Коле) Вие сте слободен. (Коле го гледа Недана, Марија, не верува. Сепак полека станува и се приближува до Марија) (Кон Томе) Седнете тука. (Покажува на столот спроти себе) (Томе седнува. Недан гледа во хартиите) Го познавате ли Богдан? ТОМЕ: Кој не го познава директорот. НЕДАН: Каков беше тој? ТОМЕ: Сите се плашеа од него. НЕДАН: А го познававте ли Коле? (Покажува кон Коле) ТОМЕ: Го познавам. По цел ден работевме заедно. НЕДАН: Забележавте ли нешто особено кај Коле тој ден? ТОМЕ: Работевме. Беше страшна горештина. Бевме страшно жедни. Јас се напив вода, а Коле не се напи. НЕДАН: Ако и тој се напиел вода, мислите ли дека немало да се случи она? Мислите ли дека жедта е виновна за делото? ТОМЕ: Не знам. (Недан гледа во хартиите) НЕДАН: Според тебе, зошто дојде до тоа тешко дело? ТОМЕ: Не знам. Малку му беше што во оние амови по цел ден вртевме во круг, како коњи на гумно, згора на тоа ни дадоа и некакви очила за слепи. НЕДАН: А вие? ТОМЕ: Ние сакавме барем да гледаме. НЕДАН: Друго? ТОМЕ: Немам. НЕДАН: Слободен си. (Томе станува, погледнува кон Коле и Марија, немо климнува со глава и излегува. Недан ги шири рацете, ги истега нозете, длабоко се издишува) (Кон Коле и Марија) Вие можете и да седнете. МАРИЈА: Благодарам. Ќе постоиме. (Тропање на врата) НЕДАН: Напред. (Влегува Дремуша, во летен бел фустан со јадри црвени цветови, се поклонува) Молам, седнете тука. (Покажува на столот спроти себе) (Дремуша седнува) Што би можеле да кажете за покојниот? ДРЕМУША: Сè најдобро. НЕДАН: Каков беше кон вас? ДРЕМУША: Внимателен, дури нежен. НЕДАН: Друго? ДРЕМУША: Напати ќе го забележев тажен. НЕДАН: Зошто? ДРЕМУША: Изгледа немаше среќа во љубовта. Не живееше добро со жена си. НЕДАН: Од каде го знаете тоа? ДРЕМУША: Еднаш, тој ми го кажа. НЕДАН: И според вас, кој е виновен за тешкиот настан? ДРЕМУША: Не знам точно. Но за директорот е исклучено... МАРИЈА: Како не ви е срам! НЕДАН: (Кон Марија) Другарке, ве предупредувам! (Кон Дремуша) Благодарам. Вие сте слободна. (Дремуша станува, се поклонува кон Недан и излегува. Тропање на врата) Напред! БОГОЈА: Добар ден на сите. (Присутните молкум климнуваат со глава) НЕДАН: Седнете тука. (Покажува на столот спроти себе) (Богоја седнува) НЕДАН: Го познававте ли директорот? БОГОЈА: Како не го познавав. Секој ден бев со него. (Зема здив) Тој ти беше како стар ат што сака да оди раван. А каде можеме на овие години да одиме како младите? Јас си одам кроце-кроце... (Недан гледа во хартиите и нешто запишува) НЕДАН: А за Коле што ќе речеш? (Покажува кон Коле) БОГОЈА: А, со оној негов кардаш тие севезден вртеа нешто долу. По едно време, не знам што им стана, се заинатија, како магаре на мост. Та ова сакаме, та она нејќеме. Млади, аџамии. Мислат сè што лета и се јаде... КОЛЕ: Стара продадена душо! Се правиш будала! НЕДАН: Коле, те предупредувам! (Кон Богоја) Вие сте слободен. (Богоја станува) БОГОЈА: Нели ви реков. Што ме мешате и мене во оваа работа. Од мене минало веќе. НЕДАН: Добро. (Богоја ја става капата и излегува. Марија нешто шепоти со Коле) МАРИЈА: (Кон Недан) Другар, можам ли да го приставам гравот? Немаме ништо за вечера. НЕДАН: Зошто не? Можеш. Ова е ваша соба. Вие сте си дома. МАРИЈА: А, да. (Во мало тенџере Марија го става гравот врз решо, што стои над печката. Потоа се враќа од креденецот до Коле) (Недан го раздвижува вратот, рацете, нозете; шумно се издишува. Тропање на врата) НЕДАН: (За себе) Уште ли ги има? (Гласно) Напред! (Влегува Илија, малку се поклонува кон Недан) Седнете тука. (Покажува на столот спроти себе) (Илија седнува) Во исказите на некои сведоци се спомнува и некаква специјална вода. Како технолог Вие бездруго знаете каква е таа специјална вода? ИЛИЈА: Тоа е тајна. Јас сум заколнат да не ја откривам. НЕДАН: Извинете. Не инсистирам. (Гледа нешто во хартиите) Нешто поконкретно за директорот? ИЛИЈА: Не знам дали ќе можам непристрасно да зборувам за другарот Богдан. Знаете, тој имаше некаква слабост кон мене. НЕДАН: А вие кон него? ИЛИЈА: Па, и јас. (Пауза) За мене тој беше олицетворение на самоувереност и богато животно искуство. Тој донесуваше многу значајни решенија веднаш, без какво и да е колебање. Тој преземаше врз себе таква одговорност од која на моменти ме фаќаше паника, а на моменти - вистинско одушевување. Во спроведување на решенијата тој внесуваше таква енергија, која просто ги туркаше луѓето како виор. Со еден збор, решителност без граници. (Пауза) Истовремено тој имаше и некаков чуден начин на однесување со луѓето. НЕДАН: За тој негов начин вие опширно зборувате и во поранешната ваша изјава. Од она што го изјавивте тогаш излегува дека сè што ќе речел Методија, веднаш го дознавал директорот. Кој му го пренесувал тоа на директорот? ИЛИЈА: Очекував потежок збор. Знам дека е неудобно да се признае тоа, но не се срамам. Јас го известував директорот. НЕДАН: Со каков интерес? ИЛИЈА: Со никаков. Просто кога другарот директор ќе ме погледнеше право в очи, чувствував дека станувам сосема проѕирен. И не можев ништо да кријам од него. (Пауза) Но јас постојано го бранев колегата Методија од неоправдани напади. НЕДАН: Првин сте го денунцирале, а потоа сте го бранеле. И тоа без никаков интерес. А зошто директорот токму вас ве определил за свој наследник? ИЛИЈА: Од кого го дознавте тоа? Од претпријатието тоа го знаевме само јас и покојниот? НЕДАН: Сте заборавиле дека кај вас секој секого наслушувал. (Пауза. Гледа во хартиите) Значи, според вас директорот е виновен за својата смрт? ИЛИЈА: Никако. Тоа е само едната страна на проблемот. НЕДАН: А другата? ИЛИЈА: Работниците се револтираа и од старите амови. И во тоа не покажаа стрпливост. Зашто самиот директор уште на состанокот им вети дека утре ќе им купи нови амови. И купивме. Сега кај нас се работи само во нови амови. КОЛЕ: Нови амови! Овој скот уште не сфаќа дека ние не сакаме да бидеме коњи. НЕДАН: (Кон Коле) Коле, те предупредувам по втор пат! ИЛИЈА: (Збунет) Ете, гледате со какви луѓе мораме да работиме. НЕДАН: Друго? ИЛИЈА: Немам. НЕДАН: Слободен сте. (Илија излегува. Недан нешто запишува во хартиите. Марија го послужува со слатко во мало пјато) МАРИЈА Повелете. НЕДАН: Што ви требаше? Не сме сега за слатко. МАРИЈА: Ако. В куќи сте ни дошле. Ова е до вишни, од сестра ми. (Недан се послужува, по него до креденецот и Коле. Марија го ѕирнува гравот и притура вода. Потоа пак се придружува кон Коле. Тропање на врата) НЕДАН: Напред. (Влегува Методија, дискретно поздравува) (Кон Методија) Седнете тука. (Покажува на столот спроти себе) (Методија седнува) НЕДАН: Во поранешната ваша изјава вие опширно зборувавте за тешки заблуди на директорот, дури и за манија на гонење кај него. МЕТОДИЈА: Да. НЕДАН: Сепак, вие сте ги предложиле оние фамозни црни очила? МЕТОДИЈА: За несреќа, да. Јас бев сомничен, прогонуван. Ги гледав јасно апсурдите на тоа раководење, но во мене се роди човечката желба на диктаторот да му ја докажам својата невиност. Лесно е на секоја акција од другите да се вика: Не! Лесно е да е биде опозиционер со скрстени раце. Не сакав да бидам тоа. КОЛЕ: Оф!... Оф!... МАРИЈА: Што ти е, Коле? КОЛЕ: Заб. МАРИЈА: Да му ставиме ракија? КОЛЕ: Не знам. (Од креденецот Марија зема шише ракија, турива во чашка, му дава на Коле; овој пие малку и ја држи в уста. Недан гледа во хартиите и нешто запишува) НЕДАН: Во една ваша изјава вие споменавте и илузии на другата страна? МЕТОДИЈА: Да, илузиите на работниците. Историски па и психолошки гледано, тероризмот и детска болест на револуционерите. Нивна илузија за злото и нивна немоќ пред него. Не е тешко да се симне една човечка глава. Но работниците тешко се мамат: со симнувањето на една глава нема да падне и злото што ги притиска. Општественото зло има подлабоки и многубројни корени. Единката во најдобар случај ако претставува само една танка, невидлива жилка од тој корен. Сме ја пресекле таа жилка. Што сме направиле? Апсолутно ништо. Коренот останува. НЕДАН: Како го објаснувате жалниот факт: еден човек да крене рака против друг човек? Да немало тука и лични причини? МЕТОДИЈА: Еден човек постапува како господар, друг - се чувствува како роб. Едниот седи под чадор, другиот влече на сонце. Едниот трупа сало и пари, другиот јаде посен грав. Едниот командува и се заканува, другиот мора да слуша или - да експлодира. И во спонтаниот гнев лично да изврши насилство. Што е тука лично а што е општествено. (Пауза) Ова е само една од можните премиси за толкување на овој значаен феномен, премиса наречена класна или класична. НЕДАН: А другата? МЕТОДИЈА: Веднаш. Друга можна премиса. Колку и да се овој настан трагичен за семејството и непријатен за општеството, за науката тој е крајно благодарен. Коренот на револтот. Дактилографката седи два метра погоре, а во работникот долу се јавува револт. Јас седам уште едно скалило повисоко од дактилографката, и покрај моите најблагородни намери кон него и најискрено сочувство за неговата судбина, работникот долу веројатно априори и револтиран и против мене. Или воопшто: нашава пирамида, нашава величествена пирамида, што се извишува некаде до облаците. Еден поглед оздола фрлен кон неа и револтот е тука. По сто или по двесте години: еден човек има пет динари поголема плата, кај другиот - пак револт. Што е тоа? Исконска желба за еднаквост, или анимална завист? Свест за човечки права, или неразвиено чувство за одговорност? Кое е решението на загатката? НЕДАН: Вие бездруго го знаете? МЕТОДИЈА: За жал, сè уште само се прашувам. НЕДАН: (Суво) Овде еден човек е убиен. Што мислите за тоа? МЕТОДИЈА: Ваша работа. Судовите нека се занимаваат со последиците и со труповите. Науката - само со причините. НЕДАН: Друго? МЕТОДИЈА: Немам што да изјавам. НЕДАН: Слободен сте. (Методија станува, се поклонува дискретно и излегува. Недан нешто запишува по хартиите. Пауза. Потоа Недан ќе погледне кон Коле и Марија) (Кон Коле) Другите барем беа за или против. А овој уште повеќе ми ги заплетка работите. КОЛЕ: Оф!... И тој му помагаше на директорот. (Недан станува, се држи за крстот) НЕДАН: (Хартиите ги става во чантата и оди кон врата, Марија му ја подава капата) Одам да телефонирам нешто. Пак ќе се вратам. (На врата се среќава со Ѓорѓија) А, колегата Ѓорѓија. Токму на време. Мило ми е што нема да ги чујам вашите ценети совети... (Се смее, се закашлува и излегува) ЃОРЃИЈА: (Пред врата, кон Недан) Колега, Недан, ве молам... (Влегува со чанта в рака. Кон Коле и Марија) Добар ден. (Марија и Коле отпоздравуваат со половина уста. Марија покажува кон еден стол) МАРИЈА: Повели, чичко Ѓорѓија. ЃОРЃИЈА: Не сум за седење. МАРИЈА: Да ви сварам кафе, или пак сте за една ракија? ЃОРЃИЈА: Не сум за кафе. Брзам. Утре рано имам судење во Берово, та морам одвечер да тргнам. А една чашка, вака од нога, може. (Марија турива ракија и го послужува. Ѓорѓија ја испива) Добро ракија. (Пауза. Кон Коле) Како што и завчера ви реков таму, јас ќе го застапувам бесплатно вашето дело. Што ќе правиш, соседи, мора да се помагаме. КОЛЕ: Благодарам. ЃОРЃИЈА: Ги прочитав материјалите од досегашната истрага. Твојот случај станува многу тежок. (Дискретно) За него е заинтересирана и високата политика. А со државата и политиката нема шега. Мене око не ми трепнува да застапувам и најтешки дела, но со државата... а, не благодарам. Не сум вчерашен. Си ја знам добро мерката. Други нека рипаат во огнот. (Пауза) Слушај што ќе ти рече чичко Ѓорѓија: Признај си сè како што било. Не попусто се вели: наведната глава сабја не ја сече. Ако ништо друго, барем ќе ти одмерат поблага казна. КОЛЕ: Тие велат дека сум го мразел? ЃОРЃИЈА: А случајно да не си го сакал? КОЛЕ: Не. ЃОРЃИЈА: Ете, гледаш. Си го мразел, сигурно си го мразел, штом... Како што ти реков. Признај се како што било, а за другото - јас си ја земам грижата. КОЛЕ: Не знам. ЃОРЃИЈА: Така. А сега, ај, со здравје, морам да брзам. (Коле и Марија отпоздравуваат отсутно. Ѓорѓија излегува. Марија го погледнува гравот, па се приближува до Коле; двајцата се пред масата) КОЛЕ: Оф!... МАРИЈА: Пак ли забот? КОЛЕ: Да. МАРИЈА: Ракијата не помогна? КОЛЕ: Не. МАРИЈА: Да ти дадам едно апче? КОЛЕ: Не знам. (Од креденецот Марија вади кутивче со таблети; со чаша вода една му дава на Колета) МАРИЈА: Напиј се. Белки ќе ти помине од ова. (Коле ја испива таблета). Како оваа чума не нè одмина, туку токму нас нè погоди! КОЛЕ: Не е првпат, Марија. МАРИЈА: Се плашам за тебе, Коле. КОЛЕ: И јас за тебе, Марија. (Пауза. Марија прави неколку чекори кон вратата, но наеднаш ќе запре и ќе се сврти) МАРИЈА: Дома сме, а како да не сме дома. (Пауза. Се отвора вратата, влегува Недан со чанта в рака) НЕДАН: Што, колегата Ѓорѓија си отишол. Многу брзо? МАРИЈА: Брзаше. Имал работа. НЕДАН: Адвокатите постојано брзаат. Затоа пак не им недостигаат пари. А ние - пак... (Влегува Силјан и Дамјан, се поклонуваат) СИЛЈАН: Добар ден или добра вечер? МАРИЈА: Нам, другар, ни е постојано темно пред очи, та не знаеме кога е ден, а кога ноќ. (Оди и ја запалува светилката. Кон новодојдените) Повелете седнете. (Покажува на двата стола) СИЛЈАН: Благодарам, не сме за седење. (Дамјан се приближува до Недан) ДАМЈАН: (Дискретно) Што направи? НЕДАН: Пак истото. ДАМЈАН: Како? Зошто си ти овде? НЕДАН: Ги употребив сета своја стручност и искуство и пак ништо. ДАМЈАН: Да, твојата стручност... НЕДАН: Што можам? Изгледа случајов ги надминува моите скромни сили. ДАМЈАН: Тоа требаше да го кажеш уште на почетокот. Ќе одредевме друг. А не вака попусто да губиме време. НЕДАН: Можам ли да си одам? ДАМЈАН: Можеш. (Недан со чанта в рака излегува) СИЛЈАН: (Кон Коле) Знаете ли кој сум јас? КОЛЕ: Не. СИЛЈАН: Како? Невозможно да не сте чуле за другарот Силјан, министер за труд во нашата влада? КОЛЕ: За Силјан штркот сум чул. СИЛЈАН: А за мене? КОЛЕ: Не. СИЛЈАН: Неверојатно. Ова првпат ми се случува. Јас мислев: нема работник што да не ме познава. Не, мора тука да има некаков пропуст или грешка. (Пауза) Добро, условно да минеме преку тоа. Работата е многу сериозна. (Се накашлува. Кон Марија) Молам, чаша вода. (Марија му подава чаша вода. Силјан ја испива до половина) Ден-два по твоето неславно дело дел од странските новинари, акредитирани во нашата земја, побараа дозвола да те посетат и лично да разговараат со тебе. Со нашите новинари некако и излегуваме на крај, но со овие е друго. Ним мораме да им ја дадеме таа дозвола. Сега знаеш за што се работи. Но знаеш ли што треба да им кажеш? КОЛЕ: Не знам. СИЛЈАН: Е, треба да знаеш. Секој твој збор ќе биде од судбоносно значење за угледот на нашата земја. Тие ќе ти поставуваат лукави и провокативни прашања. (Се напива голтка-две од чашата) Што ќе им речеш на странските новинари? КОЛЕ: Како што беше: првин ни дадоа коњски амови, а потоа - очила за слепи. СИЛЈАН: Катастрофа! Тоа би била вистинска катастрофа! Тоа не смееме да си го дозволиме. (Пауза) Како не сфаќаш некои основни работи? Да претположиме дека она што го рече, токму така и било. Да претположиме дека оној ваш директор правел и некои глупости. Но тоа се глупости правени само во вашето мало, специјално претпријатие и ништо повеќе. И кога е веќе така, смееше ли да си го присвоиш правото да се играш со нервите и со престижот на сите нас? Смееме ли да си дозволиме таа твоја мала вистина, ако е воопшто вистина, неправедно и тенденциозно да им се припише на сите други работни колективи и да стане голема, црна вистина за нашата земја? (Зборовите „голема, црна вистина“ ги придружува со правење максимално голем круг со рацете во воздух) КОЛЕ: Не знам. СИЛЈАН: Твојата изјава би била тешко нарушување на солидарноста со работничката класа. А секој оној што ја нарушува таа света солидарност е штрајкбрехер и предавник. Свесен ли си за сето тоа? КОЛЕ: Не знам. СИЛЈАН: Светската реакција сака твоето име да го употреби во светски размери против нашата земја. Свесен ли си за тоа? КОЛЕ: Оф!... СИЛЈАН: (Кон Марија) што му е пак сега? МАРИЈА: Заб. СИЛЈАН Како токму сега? МАРИЈА: Цело попладне го штрека. СИЛЈАН: После. Сега немаме време за тоа. (Со подруг тон) И така, на крајот судбоносното прашање: Знаеш ли сега што треба да им кажеш? КОЛЕ: Не знам. СИЛЈАН: Веднаш ќе ти објаснам. Можеш да им кажеш дека си го мразел, дека сте се карале; можеш да им кажеш на пример дека си ја сакал неговата ќерка, а тој не се согласувал да ти ја даде; или дека тој ја завел твојата жена, а кога си дознал... КОЛЕ: Не гибајте ја Марија. Таа уште не е ваша. СИЛЈАН: Извини. Најмалку сакав да ги повредам вашите чувства. Со еден збор, можеш да им кажеш сè, само никако за оние ваши глупости. КОЛЕ: Не знам. СИЛЈАН: Не знаеш. Всушност ти и не сакаш да знаеш. Упорно и тврдоглаво остануваш на твојата апсурдна позиција. (Се напива една голтка вода) Ние покажавме специјално внимание кон тебе. Наместо да лежиш таму, те донесовме тука, дома, во удобност и мир, како некој пропаднат политичар или детрониран цар. А ти?... Не, не ја оправда нашата доверба. КОЛЕ: Оф!... (Се држи за образ) СИЛЈАН: Ние се колнеме во тебе, а ти нè срамотиш и нè компромитираш. Не, ти не си автентичен претставник на работничката класа. Ти не си достоен... КОЛЕ: О-оф!... СИЛЈАН: Јас му зборувам сериозно, а тој само офка. Тој и не ме слуша? Не, со него не заслужува да се губи време. (Со шамивче си ја брише устата) ДАМЈАН: (Кон Силјана) Другар, Силјан, оставете ми го мене. (Силјан со супериорен гест му го препушта) (Кон Коле) Што те боли, бре? КОЛЕ: Заб... Оф!... Бие како чекан! ДАМЈАН: Во ред. Веднаш ќе ти го испратам нашиот забар. МАРИЈА: Благодариме, другар. (Дамјан го погледнува Силјан; овој му дава знак да оди. Излегуваат. Пауза) МАРИЈА: Ова станува големо. Многу големо? КОЛЕ: Големо, Марија. МАРИЈА: Ова е силно, многу посилно од нас? КОЛЕ: Посилно, Марија. МАРИЈА: Се плашам за тебе, Коле. (Суво липање) КОЛЕ: И јас за тебе, Марија. (Цврста прегратка. Коле ~ ги брише солзите, ~ ги милува косите. Марија прави неколку чекори, кон вратата, па наеднаш ќе запре и ќе се сврти) МАРИЈА: Дома сме, а како да не сме дома. КОЛЕ: Дома сме, Марија. (Марија го проба гравот) МАРИЈА: Сварен е. Да вечераме. КОЛЕ: Не сум гладен. А и ова ме боли. (Сè држи за образ) МАРИЈА: Од ручек имам летна чорба со лук. Онаа што некогаш ја сакаше најмногу. КОЛЕ: Сум одвикнал, Марија. МАРИЈА: За моја љубов, пробај малку. (Марија принесувана маса грав, чорба, леб, прибор. Седнуваат и почнуваат со вечерата) МАРИЈА: Нели е многу вкусен? КОЛЕ: Вкусен е, Марија. МАРИЈА: А чорбата? КОЛЕ: И таа. МАРИЈА: Поарно ти е на забот? КОЛЕ: Малку поарно. МАРИЈА: Гледаш. (Вечераат. Пауза. Влегува Андреа со старовремска лекарска куфер-чанта. Коле и Марија стануваат) АНДРЕА: Добра вечер. А, жива била баба ми. МАРИЈА: Повелете. Грав има и за вас. (Покажува кон трпезата) АНДРЕА: Благодарам. Брзам. Знаете како е, служба... (Вечерата е прекината. Од чантата што ја става врз маса Андреа вади бел мантил, инструменти. Мантилот го облекува) КОЛЕ: (На Ѓорѓија) Овој е бербер! (Покажува кон Андреа) Овој ме бричеше таму! АНДРЕА: Погоди. Сега сум повеќе бербер. Но главниот мој занает беа забите. Што ќе правиш? Многу учени заболекари сега вадат заби, та за мене малку остана што да лекувам. (Кон Коле) Седни на овој стол. (Покажува кон еден стол) (Коле недоверливо го гледа) Што ме гледаш? Ајде, седнувај! (Коле седнува) Потпри се добро. Отвори ја устата. Кој заб те боли? КОЛЕ: Еден катник долу. (Андреа со инструмент ги потчукува забите на Коле) О-оф!... (Коле потскокнува) АНДРЕА: Овој? КОЛЕ: Тој. АНДРЕА: Добро-о. Само не скокај како дете врз столот. (Зема друг инструмент и го приближува до устата на Коле) Малку поваму. Кон светилката. Така. Само не мрдај. И да боли, не мрдај! (Го пика инструментот во устата на Коле) КОЛЕ: О-оф! (Потскокнувајќи силно извикува) Јазикот ми го пресече! АНДРЕА: (Остро) Ти си крив! Ти реков да не мрдаш! А ти?... МАРИЈА: (Се приближува до Коле) Крв од устата! (Кон Андреа) Што направи, човеку? АНДРЕА: Ништо не е тоа. Сега ќе ја суредиме работата. (Со памук, газа и некаква течност му ја запира крвта на Колета) КОЛЕ: О-оф! АНДРЕА: Не зборувај! Само така ќе ти помине! (Со голем завој неколку пати му ја обвиткува устата. Коле се спротивставува, но овој го надвива) МАРИЈА: Устата му ја врзувате? АНДРЕА: Таков е нашиот занает. Ако сака побрзо да му мине, ќе потрпи малку. МАРИЈА: Како ќе дише? АНДРЕА: Низ нос. МАРИЈА: А јадење, пиење? АНДРЕА: Ќе доаѓам двапати на ден и ќе му давам специјална храна. Како на цицалче. (Се смее) МАРИЈА: Колку ќе биде вака врзан? АНДРЕА: Нема многу. Неколку дена. (Завојот го заврзува одзади) Така. Ќе му помине како на кутре. Не ми е ова првпат. (Кон Марија) Вода! (Марија покажува кон мијалникот до печката. Андреа ги мие рацете, потоа се брише. Го соблекува мантилот и здиплен, со инструментите, го става в чанта) Само апсолутно мирување и никако гибање на завојот! Утре пак ќе наминам. (Ја зема чантата) Јас отидов. Довидување. (Излегува) (Марија го испраќа со поглед полн зачуденост, потоа се свртува кон Коле) МАРИЈА: И јазикот му го пресекоа. (Коле со гестови сака нешто да ~ каже) Што сакаш?... Те боли ли? (Коле се смирува) (За себе) Зборуваше и устата му ја врзаа. Уморен си. Толку работи се струпаа врз тебе овој ден. (Му ја милува косата) Ај, да станеме. (Коле и Марија одат до креветот. Коле полека легнува) Уморен си. Почини се. (Го покрива со ќебе. Седнува на креветот до неговата глава) Ова не е вистина. Ова е само страшен сон. Ќе мине сонот. Ќе мине и овој темен облак. Спиј ми, спиј... Спиј, спиј... Спиј ми, спиј... (Инстинктивно почнува да ја ниша пружината од креветот) - З А В Е С А - II СЦЕНА Сцената - како во првиот чин. Во пирамидата сите седат зад своите работни маси, во својата вообичаена работна облека. Само масата на директорот е празна. Долу, Томе во својот ам носи примитивна, сламена капа. Во амот на Коле е впрегнат Минувачот, гологлав, брадосан, бос. На очите работниците носат големи розови очила. Топло, летно претпладне. ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... Како лесно оди! ТОМЕ: Отпрвин како играчка. МИНУВАЧОТ: А потоа? ТОМЕ: Сам ќе видиш. (Работниците го вртат чекркот со умерено темпо. Илија и Методија си го позајмуваат двогледот и гледаат долу кон чекркот. Дремуша во црна папка носи писма кај Илија) ДРЕМУША: (Кога ќе стигне, дискретен поклон) Добар ден. (Ја подава папката на Илија. Илија и Методија ја гледаат љубопитно оздола нагоре) ИЛИЈА: (Ќе ја земе папката. Ќе ја отвори, нестрпливо ги претура писмата, ќе најде едно, но ќе забележи дека Дремуша сè уште стои) (Кон Дремуша) Благодарам. Вие сте слободна. (Дремуша слегува во својата канцеларија и седнува до работната маса со машината за пишување. Илија нестрпливо го отвора писмото и за себе нешто чита) МЕТОДИЈА: Специјализација во странство? ИЛИЈА: Не. МЕТОДИЈА: Дипломатска служба? ИЛИЈА: Што си смешен? МЕТОДИЈА: Па, што е тогаш по ѓаволите? ИЛИЈА: (Насмеан) Погоди. МЕТОДИЈА: (Нерасположен, ќе погледне кон канцеларијата на директорот) Наследник на диктаторот? ИЛИЈА: Најпосле погоди. МЕТОДИЈА: Чудно ми чудо. Може ли пирамида без фараон? Тоа и се очекуваше. Но зошто овие дебели печати, строго доверливи броеви и сета оваа мистериозна церемонија! (Илија возбуден уште еднаш го чита писмото на глас) ИЛИЈА: (Чита) Со решение бр. 78369 од 23.7. о.г. Државниот комитет за специјална вода го поставува за директор на специјалното претпријатие Х-16 досегашниот технолог, другарот... МЕТОДИЈА: Честитам. ИЛИЈА: Благодарам. (Методија и Илија се ракуваат продолжително) ---------------- (Томе и Минувачот го успоруваат вртењето на чекркот. Извесно време ќе запрат) МИНУВАЧОТ: Како ми олесна. Карпа како да симнав од плеќи. ТОМЕ: На што мислиш? МИНУВАЧОТ: Ме примија на работа и јас сум спасен и мојата фамилија е спасена. ТОМЕ: На коњот му дошол ред за во амот. МИНУВАЧОТ: Ти се подигруваш, ама јас се радувам како дете. Устата да му цути на оној што ми рече: Дојди утре. ТОМЕ: Мислиш на оној свет? МИНУВАЧОТ: (Ќе се сети) Бог да го прости. (Се крсти) Душата во рајска градина да му оди. Ова добро што ми го направи, никогаш нема да му го заборавам. Вечно ќе го споменувам и ќе му бидам благодарен. ТОМЕ: Небоно е високо (покажува со рака), а ние толку ниско овде, та твојот бог одвај ли ќе те чуе. МИНУВАЧОТ: Ти не веруваш, ама тој гледа и слуша насекаде. ТОМЕ: Нашиот Бог-дан беше од боговски сој. И без твоите молитви него ќе го примат во рајот. МИНУВАЧОТ: Е, многу ти сече умот, момче. (Тивко ќе се насмее) ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Чекркот почнува да се врти и постепено се забрзува) ------------- (Илија ја крева слушалката од телефонот. Дремуша слушалката од својот) ИЛИЈА: Ако си слободна, кај мене. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Илија и Дремуша ги спуштаат слушалките. Дремуша со ситен, брз чекор се качува кај Илија; кога ќе стигне малку се поклонува) ИЛИЈА: Дремуша, сакам да го честам сиот колектив! ДРЕМУША: Нешто ново, пријатно? ИЛИЈА: Големо. Сум назначен за директор на претпријатиево. ДРЕМУША: Честитам, другар директоре. ИЛИЈА: Благодарам. (Илија и Дремуша се ракуваат срдечно) ИЛИЈА: Овој свечен и значаен момент за мене сакам да го почувствуваат и да го запомнат сите. (Пауза) Почести ги од мојата приватна репрезентација. ДРЕМУША: Вашата приватна репрезентација, другар директоре е веќе исцрпена. ИЛИЈА: Тогаш, позајми од општествената. Впрочем, во овој век на технолошка револуција и тотална социјализација кој може веќе точно да каже: што е приватно, а што - општествено? ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. ИЛИЈА: Мило ми е што оваа убава и пријатна вест ќе ја разнесе убава и пријатна девојка како што сте вие. ДРЕМУША: Благодарам, другар директоре. (Дремуша се враќа во својата канцеларија. Од фрижидерот вади две шишиња кисела вода, полни неколку чаши, а во мало пјато става чоколадни бонбони; откако ќе се погледне во огледалцето со послужавник в рака оди кај Богоја) Повели, чичко Богоја. (Богоја ја крева главата од актите и ја гледа радосно и збунето) БОГОЈА: За момче ли? За свадба ли? ДРЕМУША: Другарот Илија денеска стана директор. БОГОЈА: Аирлија. (Збунет, зема здив) Среќно и долговечно да му е. (Зема бонбонче и чаша вода) Аферим, момче, што се сети на стариот Богоја. Бог да ти даде што ти душа сака. ДРЕМУША: Благодарам. БОГОЈА: А ти, ќе си земеш ли? (Дремуша се двоуми) Почести се и ти. И јас ќе се почестам уште еднаш за твој атер. (Зема едно бонбонче) (И Дремуша ќе се послужи) Денес е за нас нешто како празник. Кошерот доби матица. Врз празното седло од атот јавна млад јавач. Сега атот мора да оди раван. (Дремуша се готви да си оди) Уште порано велев: умно момче е тој Илија. И со Богдана арен, и со другите арен. Кротко гази, ама далеку ќе стигне. Така и излезе. (Зема здив) Млад, строен јавач. Младите ќе ги постават, чунки нема такви како мене, стар окапан коњ. И себеси не може да се носи, не пак други. Ех, каде е она време... -------------- (Вртењето на чекркот е успорено. Извесно време запира. Минувачот ги симнува големите розови очила) ТОМЕ: Зошто ги симнуваш очилата? МИНУВАЧОТ: Уште не сум навикнал на нив. ТОМЕ: Овие очила се цвеќе. Со оние малку да погледаше! МИНУВАЧОТ: Сте имале и други очила? ТОМЕ: Имавме. Црни. МИНУВАЧОТ: И гледавте нешто? ТОМЕ: Колку слепиот што гледа. Тие очила беа за слепи. (Пауза. Минувачот ќе ги стави очилата, малку ќе погледа и пак ќе ги симне) МИНУВАЧОТ: Без очилава колку е сè наоколу жолто и сиво. Очите да те заболат. ТОМЕ: Затоа и ни ги дадоа. МИНУВАЧОТ: (Со очила на очи) А со очила сè ни изгледа некако убаво, розово, како расцутена овошна градина. Знаеш оние ранки праски, што имаат темнорозов цвет. ТОМЕ: Низ очилава сè цути но не врзува. МИНУВАЧОТ: Колку е чуден овој свет. ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Чекркот почнува да се врти. Темпото полека се забрзува) -------------- (Илија и Методија стојат зад своите работни маси) ИЛИЈА: Чувствата не треба да ~ пречат на службата. Време за губење се нема. МЕТОДИЈА: Да почнеме со инаугурацијата? ИЛИЈА: Мислев со преселувањето. МЕТОДИЈА: Готов сум да ви помогнам. ИЛИЈА: Благодарам. (Илија ги отвора сите фиоки од својата досегашна работна маса, ги вади од нив сите папки, публикации и хартии и ги става озгора) Колега Методија, испразнете ја и вие вашата маса. МЕТОДИЈА: Не ве разбирам најдобро? ИЛИЈА: Отсега вие ќе работите на мојава, досегашна маса. (Покажува со рака) МЕТОДИЈА: Но јас сум психолог? ИЛИЈА: Психологијата сакам да биде прва маса под мојава. МЕТОДИЈА: (Возбуден) Благодарам на довербата. (Пауза. Потоа и Методија ги отвора сите фиоки од својата досегашна маса, ги зема од нив сите хартии и папки и ги реди озгора. Илија со бавен и несигурен чекор се качува во канцеларијата на директорот, еден момент ја разгледува, се двоуми, потоа ги извлекува сите фиоки од масата, што се празни. Методија љубопитно го гледа. Илија се враќа. Речиси во исто време Илија почнува да ги носи своите хартии во масата на директорот, а Методија своите во досегашната маса на Илија. И двајцата се враќаат по неколку пати и тоа се изведува доста брзо. Со по грст хартии се среќаваат зад досегашната маса на Илија) МЕТОДИЈА: А рамкава? (Покажува на рамката со епрувети над масата) ИЛИЈА: Ако не ви е тешко, и неа пренесете ја на другана маса. (Покажува на досегашната маса на Методија) МЕТОДИЈА: Ќе ја пренесам, само... Онаа маса празна ли ќе остане? ИЛИЈА: Ништо нема да остане празно. Сè ќе биде пополнето. (Пауза) Со друго писмо ми јавија дека Комитетот назначил и технолог. Син на директорот на спецпретпријатието Х-14. Младо и интелигентно момче. Досега веќе требаше да дојде. МЕТОДИЈА: Значи, нов колега? ИЛИЈА: Технолошката револуција е незамислива без перманентна обнова на мозоците. (Илија го носи последниот грст хартии во директорската маса. Методија - својот грст го става во последната извлечена фиока од масата на Илија. И двајцата ги затворат фиоките. Методија ја носи рамката со епрувети и ја става врз својата досегашна маса. Кај него слегува и Илија. Во исто време одлево доаѓа Благоја, се качува кај Дремуша, ~ покажува една хартија; таа станува, климнува со глава и по скалите го води кај Илија. Кога ќе стигнат, Дремуша дискретно се поклонува, а Благоја климнува со глава) ДРЕМУША: (Кон Илија) Другар директор, овој другар ве бара вас. ИЛИЈА: (Кон Благоја) Вие сте Благоја, новиот технолог? Веќе сум известен за вашето назначување кај нас. Мило ми е. (Илија и Благоја се ракуваат) (Покажува кон Методија) Методија, мој соработник и психолог. (Методија и Благоја се ракуваат. Илија ќе ја забележи Дремуша како исчекува) (Кон Дремуша) Вие сте слободна. (Дремуша се враќа во својата канцеларија) (Кон Благоја) Кај нас не е вообичаено да се губи време во формалности. (Го соблекува белиот мантил и му го подава на Благоја) (Благоја го облекува мантилот и го закопчува) Малку ви е долг, но сега е таква модата. Сите во макси. (Ги вади жолтите ракавици од раце и му ги дава на Благоја) (Благоја ги става ракавиците на раце) Сега сте веќе вистински, новопечен технолог. Ќе работите на оваа маса. (Покажува на досегашната маса на Методија) БЛАГОЈА: (Збунет) Но јас сè уште не знам ништо за моите должности... ИЛИЈА: (Му дава мала, шапирографирана брошура) Сега проучете го овој материјал, а по десетина минути ќе ви дадам подетални инструкции. БЛАГОЈА: Благодарам. (Илија заминува во канцеларијата на директорот. Методија седнува зад својата нова работна маса. И Благоја седнува и чита. Илија и Методија одвреме навреме ќе погледнат низ двоглед долу кон чекркот) ----------- (Вртењето на чекркот е бавно, рамномерно) МИНУВАЧОТ: Чудно, од овој ам главата како да ми отиде напред, а телото назад? ТОМЕ: Ако вака запнуваш, еден ден може телото и сосем да ти остане без глава. МИНУВАЧОТ: 'Ба му стопанката, ако ми е така пишано поарно тело без глава одошто глава без леб. Што ќе ми е таква глава? ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Темпото на вртењето постепено се забрзува) ----------- (Илија ќе погледне низ двогледот долу, па ќе ја крене слушалката од телефонот; Дремуша ја крева слушалката од својот) ИЛИЈА: Ги почести ли другите? ДРЕМУША: Да, другар директоре. (Пауза) А за нас, што ќе повелите: по едно коњаче? ИЛИЈА: Може. За мене и за Методија. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Илија и Дремуша ги спуштаат слушалките. Дремуша турива пијалак во чашки. Илија пак ја крева слушалката од телефонот; Методија ја крева слушалката од својот) ИЛИЈА: Ако не сте многу зафатен, наминете кај мене. МЕТОДИЈА: Веднаш доаѓам. (Илија и Методија ги спуштаат слушалките. Методија се качува во канцеларијата на директорот. Илија со рака му покажува кон еден стол. Методија седнува) ИЛИЈА: Ред е најпосле и ние малку да седнеме. МЕТОДИЈА: Како во престолот на фараонот? ИЛИЈА: Необично. Како кловн во циркус. Тој ги гледа сите, но и сите го гледаат него. МЕТОДИЈА: Со време и на таа улога ќе навикнете. (Дремуша доаѓа и пијалокот го остава на маса) ИЛИЈА: (Кон Дремуша) Благодарам. Слободна сте. (Дремуша се враќа во својата канцеларија) (Кон Методија) Повели, почести се. (Илија и Методија ги креваат чашките) МЕТОДИЈА: Смената на фараоните да не биде и обично повторување на историјата! ИЛИЈА: Со твоја помош се надевам дека и нема да биде! (Се чукнуваат и отпиваат) Пред малку ти реков: сакам масата на психологот да биде прва под мојава. МЕТОДИЈА: Очигледен напредок. Многу ме радува. ИЛИЈА: Потценувањето на психологијата од мојот заслужен и славен претходник, за жал, доведе еднаш до несреќа. Тоа не смее да се повтори. (Пауза. Запалуваат по една цигара) Ние мораме да ја познаваме душата на работникот. Ние мораме да знаеме секој момент како дише работникот. Ние мораме да му докажеме дека овде ние седиме само заради него! МЕТОДИЈА: (Се смее) А тој долу работи за нас. ИЛИЈА: Не, сериозно. Технологијата само тесно спрегната со психологијата ќе овозможи совршено функционирање на механизмот. МЕТОДИЈА: Да, психологијата, односно живиот човек. Сите тешкотии и сите проблеми почнуваат од човекот и со човекот. (Ќе повлече од цигарата) Не, колку и да удираш, притискаш и нивелираш - од човечки глави не ќе направиш идеално рамна калдрма. Сè ќе се најде некоја која малку да стрчи. ИЛИЈА: Но, ние мораме да настојуваме. (Пауза) Долу во погонот упразнетото место го пополнивме со нов работник; горе примивме нов технолог и извршивме значајна рокада; најпосле овде - јас се прифатив за ова одговорно место; со еден збор, создадени се сите услови нашиот систем, нашиот механизам да функционира идеално. МЕТОДИЈА: Да, сета наша енергија, сите наши мисли и опсесии се опфатени само со тоа како механизмот, односно системот да функционира совршено и идеално. (Пауза) Но што ако еден ден се покаже дека суштинската суштина, онаа врвна човечка суштина е смисла, е некаде вон и отаде системот? ИЛИЈА: Ти сè уште се занимаваш со работи кои немаат никакво практично значење. МЕТОДИЈА: Јас не се занимавам. Независно од мене, мојот дух се прашува. ИЛИЈА: Време е да слеземе на земјава. Време е да се занимаваме само со она од што живееме. МЕТОДИЈА: Ќе настојувам. ИЛИЈА: Јас многу полагам на тебе. Твојот луциден дух ќе ми биде од скапоцено, незаменливо значење во мојов одговорен потфат. МЕТОДИЈА: Секогаш на ваше располагање. (Методија и Илија стануваат. Методија заминува. Илија седнува и гледа низ двогледот долу) ---------- (Вртењето на чекрекот е сè побавно. Неколку моменти ќе запре) МИНУВАЧОТ: Грлово ми се исуши. Никогаш не сум бил олку жеден. ТОМЕ: Отпрвин и јас страдав од жед. Потоа полека навикнав. МИНУВАЧОТ: Како ќе навикнам, кога сиот однатре горам? ТОМЕ: Да викам противпожарна? МИНУВАЧОТ: Тебе ти е до смешки, а мене душава ми изгоре. (Ја брише потта од челото) Како само не си донесов стомнулче вода од дома? ТОМЕ: Овде не е дозволено да се носи домашна вода. МИНУВАЧОТ: Зошто? ТОМЕ: За да не се меша со специјалнава. МИНУВАЧОТ: 'Ба му мајката, да не може човек и вода да се напие. ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Вртењето на чекркот продолжува и полека се забрзува) ------------- (Илија ја крева слушалката од телефонот; Методија ја крева слушалката од својот) ИЛИЈА: Новиот технолог да дојде кај мене. МЕТОДИЈА: Ќе му пренесам. (Илија и Методија ги спуштаат слушалките) (Кон Благоја) Те вика директорот. БЛАГОЈА: Веднаш одам. (Станува и оди во канцеларијата на директорот; кога ќе стигне малку се поклонува) ИЛИЈА: Повелете седнете. (Му покажува на еден стол. Благоја седнува) ИЛИЈА: Пред да почнеме, да ве прашам за што сте: кафе или коњак? БЛАГОЈА: Кафе пијам само ноќе - да не задремам со компанијата во бар, и изутрина - да се расонам. ИЛИЈА: Значи коњак? БЛАГОЈА: Да. (Илија ја крева слушалката од телефонот; Дремуша слушалката од својот) ИЛИЈА: Два коњака. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Илија и Дремуша ги спуштаат слушалките) БЛАГОЈА: Што, немате бифе? ИЛИЈА: Бифето се покажа нерационално и во однос на средства и во однос на време. Сега потребите од бифето ги интегриравме со потребите на службата. БЛАГОЈА: Ме изненадуваат вашите модерни концепции на организација. (Пристигнува Дремуша и пред Илија и Благоја остава по чашка коњак) ИЛИЈА: Благодарам. Слободна сте. (Дремуша се враќа во својата канцеларија) Да се напиеме. (Ја крева чашката) (И Благоја ја крева чашката) За вашиот прв работен ден како технолог! БЛАГОЈА: За вашиот прв ден на директор! (Се чукнуваат и отпиваат. Пауза) ИЛИЈА: Ваша задача е - беспрекорно функционирање на сиот овој механизам. (Гест со рака долу кон чекркот) Грижа за секој гвинт, за секој лост, но и грижа за работникот. Не еден добар технолог со време станал жртва на сопствената фасцинираност од машината и заборавање на факторот човек. (Пауза) Ние работиме во специјални услови. Ние произведуваме специјална вода. Затоа ќе бидат нужни и специјални грижи за работникот и оптималните резултати нема да изостанат. Накусо: колку повеќе ќе се грижиме за работникот, толку повеќе и тој ќе дава за нас. (Пауза) Имате ли прашања? БЛАГОЈА: Засега, не. ИЛИЈА: За секој евентуален проблем, обрнете се до колегата Методија, или уште подобро - секогаш директно до мене. БЛАГОЈА: Благодарам. ИЛИЈА: Да ги допиеме чашките. (Илија и Благоја го допиваат пијалокот) Многу добри работи сум слушал за татко ви. БЛАГОЈА: И веројатно е добар. Ретко кој може толку долго да живее само од стара слава. (Дискретно се смее) (Благоја се враќа до својата работна маса. Илија ќе погледне низ двогледот долу) ------------ (Томе и Минувачот го вртат чекркот сè побавно. Неколку моменти ќе запрат) МИНУВАЧОТ: Онде капе. (Покажува кон капавицата под боријата) Гревота водата да пропаѓа попусто. ТОМЕ: Многу загрижен домаќин си бил... за туѓото? МИНУВАЧОТ: Водата не е ни нивна, ни наша. Водата е од господа. Секој жеден може да се напие. ТОМЕ: Баеѓи си постар од мене, ама уште те лаже умот. Не гледаш што пишува овде? (Покажува кон натписите врз бунарот) МИНУВАЧОТ: (Чита) „Опасна за пиење. Забранета за пиење“. Што за вода е оваа, штом толку ја бранат? ТОМЕ: Таа не е обична вода. Таа вода ја викаат специјална вода. МИНУВАЧОТ: Умирам за капка вода, а ти - вистина ли зборуваш, или пак само се шегуваш со мене и ме плашиш? ТОМЕ: Што има да те плашам. Напиј се, ако сакаш. Само после да не се каеш. МИНУВАЧОТ: Море, што сака нека биде. Ќе се напијам некоја капка. (Оди под капавицата и пие) ------------ (Илија ја крева слушалката од телефонот; Методија ја крева слушалката од својот) ИЛИЈА: Колега Методија, еден од работниците пие од специјалната вода! МЕТОДИЈА: Штотуку и јас го забележав тоа. ИЛИЈА: Еден пие, а другиот не пие. И порано новиот пиеше, а постариот не. МЕТОДИЈА: И мене ме збркува повторувањето на тој феномен. ИЛИЈА: Следи ја будно ситуацијата и известувај ме за секоја евентуална промена. МЕТОДИЈА: Добро. (Илија и Методија ги спуштаат слушалките, секој ќе го земе својот двоглед и ќе гледа извесно време долу) ---------- (Под капавицата Минувачот уште пие) ТОМЕ: Не пиј до таа вода можеш да пцовисаш. МИНУВАЧОТ: Поарно да пцовисам, одошто вака жеден вечно да се мачам. (Го брише лицето со рака и се враќа во амот) ТОМЕ: Овде коњите се евтини и не ги жалат многу. МИНУВАЧОТ: Кои коњи? (Се обѕрнува наоколу) ТОМЕ: Мислев на мене и на тебе. (Покажува со рака) Ако папса еден веднаш го заменуваат со друг. МИНУВАЧОТ: Значи, овде сме како на поминување? ТОМЕ: Овде сме сите само минувачи. МИНУВАЧОТ: Минувачи? ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Чекркот почнува да се врти со средно темпо) ----------- (Илија ја крева слушалката од телефонот, Дремуша слушалката од својот) ИЛИЈА: Ако немате работа, дојдете кај мене. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Илија и Дремуша ги спуштаат слушалките. Дремуша ќе се погледне во огледалце, ќе ја поправи косата и ќе тргне. Кога ќе стигне во канцеларијата на директорот, малку ќе се поклони) ИЛИЈА: А вие веќе дојдовте? Повелете, седнете. (Покажува на еден стол) ДРЕМУША: Благодарам. (Седнува) ИЛИЈА: Како што знаете, денес ме назначија за директор, па ред е да се запознаеме. (Пауза) Вистина, ние веќе доста добро се познаваме, но сепак... ДРЕМУША: Искрено се радувам на вашето унапредување. ИЛИЈА: Благодарам. Туку... (Се двоуми) Што би сакале да се напиеме: кафе, коњак, или...? ДРЕМУША: Не би сакал да ве одбијам, но навистина ништо не ми се пие. ИЛИЈА: Значи, точна е приказната за слабиот апетит на готвачите? ДРЕМУША: Веројатно. ИЛИЈА: За малку ќе заборавев. За вас имам нешто специјално. (Ја зема чантата и од неа вади големо чоколадо и ~ го подава на Дремуша) Ова примете го од мене како скромен подарок. ДРЕМУША: (Го зема чоколадото) Вие пријатно ме изненадивте. Со што сум го заслужила ова специјално внимание од ваша страна? ИЛИЈА: Со вашата добра досегашна и идна работа. ДРЕМУША: Најискрено благодарам. ИЛИЈА: Инаку, како ви оди работата? ДРЕМУША: Добро. ИЛИЈА: А љубовта? Веројатно и таа ви оди добро? ДРЕМУША: По што познавате? ИЛИЈА: По вашето ведро лице и насмеан поглед. ДРЕМУША: За жал, не е баш така. ИЛИЈА: Што, некој проблем? ДРЕМУША: (По извесно двоумење) Од вас нема што да кријам. Мајка ми сакаше да ме омажи за еден богат трговец. Постар човек. На крајот се покажа дека всушност тој ме барал за своја држанка. ИЛИЈА: Како така? ДРЕМУША: Наместо да се врзе за мене за цел живот, тој тип пресметал дека му е многу поевтино да ме пазари на месец, како своја приватна секретарка. ИЛИЈА: А вие? ДРЕМУША: Одбив. Ако треба и ќе мизерувам без достатно средства, но нема да се продадам евтино. (Пауза. Илија ја нуди со цигара; таа одбива, тој запалува) ИЛИЈА: Ако ви требаат пари, јас би можел да ви дадам стотина илјади? (Го вади портофелот) ДРЕМУША: Ми требаат, но јас сум свикнала - ако нешто примам, веднаш и да дадам. ИЛИЈА: Добро, ќе ми вратите кога ќе имате. (Вади пари и ~ ги дава) ДРЕМУША: (Ги зема парите) Благодарам. ИЛИЈА: И јас ви благодарам за вонредно искрениот разговор. (Повлекува од цигарата) Така и ја замислувам мојата работа овде во иднина. Секој да си ги кажува своите маки и неволи. Никој од никого да не крие ништо. ДРЕМУША: Сè што ќе слушнам да се зборува за вас, веднаш ќе ви го кажувам. ИЛИЈА: Благодарам. (Дремуша станува, станува и Илија) ДРЕМУША: Јас сум одушевена од вас! ИЛИЈА: И јас од вас. (Дремуша се поклонува и се враќа во својата канцеларија) -------------- (Томе и Минувачот го успоруваат вртењето на чекркот. Извесно време запираат) МИНУВАЧОТ: Какви луѓе сме ти ние. Ме примија на работа, ми направија големо добро, тукуречи ме спасија од смрт. А што правам јас? Само беља... ТОМЕ: Што тоа? МИНУВАЧОТ: Наместо да им се поклонам до земја, јас пиев од забранетата вода. ТОМЕ: Се плашиш или се каеш? МИНУВАЧОТ: Доцна е веќе и за плашење и за каење. ТОМЕ: Зошто доцна? Старите велат: Покај се и ќе бидеш спасен. МИНУВАЧОТ: Момче, ти пак се шегуваш со мене. ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Чекрекот почнува да се врти рамномерно) ------------- (Илија ќе погледне низ двогледот долу, па ќе ја крене слушалката од телефонот; Дремуша ја крева слушалката од својот) ИЛИЈА: Богоја да дојде кај мене. ДРЕМУША: Веднаш, другар директоре. (Илија и Дремуша ги спуштаат слушалките) (Кон Богоја) Директорот те вика кај него. БОГОЈА: (Возбуден) Многу бргу се сети на мене. Што ли треба да значи ова? (Станува и без да ги симне црните ракавици се качува кај директорот) ИЛИЈА: (Покажувајќи кон еден стол) Повели, чичко Богоја. БОГОЈА: Благодарам. (Седнува) ИЛИЈА: Ќе се напиеме ли нешто? БОГОЈА: А, пиењето се прости од мене. Мина она време... Туку ако може едно чоколадно бонбонче... ИЛИЈА: На драго срце. (Од мало бифе вади кутија со бонбони и го служи Богоја) БОГОЈА: (Откако ќе земе) Благодарам. (Илија ја враќа кутијата и по телефон порачува чаша кисела вода) ИЛИЈА: Од денес ја презедов должноста директор, па реков ред е да се видиме и да се чуеме. БОГОЈА: Мило ми е. Се радувам. Бог да ви придаде уште повеќе. (Дремуша донесува чаша вода, ја остава пред Богоја и се враќа во својата канцеларија. Богоја го јаде бонбонот, се напива малку вода) Како што е слатко бонбончево, така слатко да ви биде и директорувањето. ИЛИЈА: Благодарам. (Пауза) Како работата, чичко Богоја? БОГОЈА: Добро. При оваа убавина гревота е да се жалам. Вистина јас не сум брз, ама она што ќе мине под моја рака, минато е. Тука грешка не може да има. ИЛИЈА: Ме радува. (Запалува цигара) Ние овде сме како голема фамилија. А фамилијата ќе напредува само ако има ред и ако се почитува и слуша главата на фамилијата. БОГОЈА: И јас им го велам тоа севезден на моине дома: ламби горат на сите страни, телевизорот трешти како пампур. Да не можеш збор да прозборуваш. Ама кој ги ферма старите денес? Џабе си го абам зборот. ИЛИЈА: Зборот ми беше за ова: голема фамилија, како што е оваа нашава, ќе има успех само ако секој си кажува што му тежи на срце. Па, заедно да бараме лек. БОГОЈА: И на Богдан му кажував, бог да го прости. (Се крсти) И на Коруна пред него, а пред Коруна имаше и еден Пројо. На сите сум им кажувал, зашто да не ви кажувам и вам. Сè што ќе чуе чичко Богоја, веднаш ќе ви го каже. Што има да криеме, кога сме си сите свои. ИЛИЈА: Ви благодарам. Така. (Пауза) (Богоја станува и полека се враќа во својата канцеларија. Илија ја крева слушалката од телефонот, Методија слушалката од својот) Ако си слободен, повели малку кај мене. МЕТОДИЈА: Веднаш, другар директоре. (Илија и Методија ги спуштаат слушалките. Методија се качува во канцеларијата на директорот. Илија му покажува кон еден стол, овој седнува) ------------- (Оддесно полека влегува Марија, во темна облека, забрадена со темна шамија и застанува на средина меѓу пирамидата и чекркот. Кога ќе ја забележат Томе и Минувачот го запираат вртењето) МИНУВАЧОТ: (Дискретно) Која е оваа? ТОМЕ: Пред тебе мажот ~ беше впрегнат во твојот ам. МИНУВАЧОТ: А-а... (Марија ќе ја испружи раката за питање) МАРИЈА: Добри луѓе, дарувајте сиромаштија. Што ќе даде ваша рака, триж толку да ви даде божја рака. (Пауза. Томе излегува од амот, ја симнува сламената капа, ја превртува како сад, вади банкнота од петстотини динари и ја става во капата. Потоа оди кај Минувачот. Од мало ќесе тој вади банкнота од илјада динари и исто ја става во капата) МИНУВАЧОТ: Последната илјадарка. Од срце ја давам. (Со капата в раце Томе се качува кај Дремуша) ТОМЕ: Помош за Марија. ДРЕМУША: Од питачи човек и во претпријатиево не може да се размине. (Вади една стотка и ја става во капата) (Томе оди кај Богоја) БОГОЈА: Мене од дома ми даваат колку за кутија цигари. А може и добро е што е така, инаку како што сум дупена рака, кој знае што би сторил... (Вади две стотки и ги става во капата) ТОМЕ: Благодарам. (Се качува кај Благоја) Ако сакате, малку помош за Марија. БЛАГОЈА: Која е таа Марија? ТОМЕ: Жена на еден наш поранешен работник долу. БЛАГОЈА: Никако да ги сфатам денешните питачи: навистина ли немаат од што да живеат, или пак просто не им се работи? (Вади три-четири стотки и ги става во капата) (Томе се искачува во канцеларијата на директорот) ТОМЕ: Помош за Марија. (Методија го вади портофелот, зема банкнота од илјада динари и ја става во капата) МЕТОДИЈА: При средбата со феноменот питач постојано ме обзема некаква тегоба, некакво духовно блуење. (Пали цигара) Сепак, ова е класичен начин малку да си ја смириме совеста. (Илија вади банкнота од илјада динари и ја става во капата) ТОМЕ: Благодарам. (Слегува по скалите долу, собраните пари ~ ги дава на Марија) МАРИЈА: (Ги става парите во пазува) Сè што даде ваша рака, триж толку да ви даде божја рака. (Излегува в лево) (Томе влегува во амот и вртењето продолжува) ------------- ИЛИЈА: (На Методија) Објективно, тој беше злосторник, а сепак не можеме сосем да се оглушиме и од хуманизмот во нас. Ја помагаме жена му. МЕТОДИЈА: Зошто злосторник? Со својот чин на очајник тој наеднаш премавна едно зло, кое инаку сигурно би се влечело со години, ако не и со децении. ИЛИЈА: Но, колку што се сеќавам, порано вие бевте против тероризмот како систем? МЕТОДИЈА: Како систем, да, но понекогаш, можеби многу ретко, не смеат да се исклучат и некои ограничени позитивни ефекти. На пример, во нашиов случај, тој несомнено го забрза напредокот на претпријатието. ИЛИЈА: Убав напредок. Бездруго не мислите дека напредокот треба да гази преку човечки трупови? МЕТОДИЈА: За жал, револуциите не газеле по персиски ќилими. Високите прагови од напредокот на човештвото, што тие ги минувале, најчесто не биле од дрво, туку од ридишта и планини човечки трупови. Тоа е прескапа цена на напредокот, ако воопшто постои некаков напредок. (Пауза. Илија ќе погледне низ двогледот долу) ИЛИЈА: Време е да го посетиме погонот долу. (Илија и Методија стануваат) Кажи му и на Благоја да слезе со нас. (Методија климнува потврдно со глава, се враќа во својата канцеларија и му ја пренесува пораката на Благоја) ----------- (Вртењето на чекрекот е сè побавно. Неколку моменти ќе запре) МИНУВАЧОТ: (Гледајќи зад пирамидата, каде што замина Марија) Јас добив работа, друг ја изгуби. Мојата фамилија жугна, а друга се зацрни. Тоа ми е криво. ТОМЕ: Што ќе правиш, нема свадба без курбан. (Пауза) Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... (Вртењето на чекркот продолжува. По извесно време, од пирамидата доаѓаат Илија, Методија и Благоја, запираат на два-три метри од чекркот. Илија крева рака - Томе и Минувачот го запираат чекркот) ИЛИЈА: Како работата, другари? ТОМЕ И МИНУВАЧОТ: Убавина, другар директоре. ИЛИЈА: (Кон Минувачот) Ти пиеше од специјалната вода? МИНУВАЧОТ: Згрешив. Душа човечка, грешна, лакома - ќе се излаже. Ама ако уште еднаш се напијам, јазикот да ми го пресечете! ИЛИЈА: Овој пат - простено. (Пауза) Ви треба ли нешто? ТОМЕ: Сè имаме и ништо не ни е кусо. МИНУВАЧОТ: Само мене главата ќе ми пукне на ова сонце. (Се фаќа за глава) Уште не сум свикнал на ваков припек. ИЛИЈА: И тебе ќе ти купиме сламена капа. (Го гледа во нозете) Зошто одиш бос? МИНУВАЧОТ: На опинците со време се отвори голема дупка та ми беше срам... ИЛИЈА: И чевли ќе ти купиме. МИНУВАЧОТ: Ако може, поарно гумени опинци. Мојава пуста нога никако да навикне на тесни, градски чевли. ИЛИЈА: Добро. (Пауза) Друго? ТОМЕ И МИНУВАЧОТ: Сè имаме. (Илија се погледнува со Методија, па кон работниците) ИЛИЈА: Во последно време нешто слабо викате? ТОМЕ: Знаеме дека е забрането, ама понекогаш ќе изумиме.. ИЛИЈА: Од денес не е забрането. Од денес можете колку што сакате да викате дури и да пеете. Не попусто се вели: Кој пее, зло не мисли. ТОМЕ И МИНУВАЧОТ: Благодариме, другар директоре. ИЛИЈА: Можете да продолжите со работа. (Томе и Минувачот почнуваат да го вртат чекркот, првин полека, потоа малку побрзо. Илија, Методија и Благоја се враќаат во своите канцеларии во пирамидата) МИНУВАЧОТ: Како да одам сè по убав, розов пат! ТОМЕ: Пат што минува низ расцутени, овошни градини! ДРЕМУША: (Во огледалцето) Баш е златен новиот директор! БОГОЈА: При ваква убавина гревота е да се жалам. (Ги симнува и ги става очилата) БЛАГОЈА: Малку како да сум мамурен, но уште на прв поглед - ми се допадна. МЕТОДИЈА: Дури и мене почна нешто да ме тресе. Само, ќе може ли земјава, поправо плеќите на човекот да ја издржат огромната тежина на нашите величествени пирамиди? ИЛИЈА: (Седи сам) Со сите се сретнав, со сите разговарав. Никој не се жали на ништо. (Пауза. Ќе погледне низ двогледот долу) Народот е задоволен. (Томе и Минувачот го вртат чекркот) ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!... ТОМЕ: Ај!... МИНУВАЧОТ: Оп!...